Спектакуларна изведба на „Болеро“ и гала-концерт на НОБ на „Охридско лето“

149

„Годинешното ‘Охридско лето’ и поканата за нас како уметници е навистина еден фасцинантен мотив за повторно да се вратиме во уметничка форма. Минатата година имавме спектакуларен концерт на фестивалот со оперската пејачка Инва Мула и тоа е момент за паметење, меѓутоа во овие услови, сигурен сум дека на нашата публика ѝ ги стопливме срцата и им ја вративме волјата за живеење и љубовта кон уметноста“, вели првенецот на НОБ, тенорот Ѓорѓи Цуцковски кој ги изведе најпознатите арии од оперите „Кармен“ и „Турандот“ во рамки на Гала-концертот изведен на сцената „Долни Сарај“

Спектакуларна изведба на балетската премиера „Болеро“ од Морис Равел и гала-концерт донесоа вчеравечер солистите, женскиот балетски ансамбл и Оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Бисера Чадловска, на сцената Долни Сарај во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Според генералниот директор на НОБ, Васо Ристов, програмата со која оваа институција настапи на фестивалот е специјално конципирана и прилагодена на условите во пандемијата од ковид-19. „’Болеро’ е една нова авантура во балетската уметност и еден нов балетски израз во кореографија на Саша Ефтимова. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца. Сите учесници ги почитуваа здравствените мерки и протоколи уште на самиот почеток кога почнавме да се подготвуваме за учество на фестивалот“, изјави Ристов.

За кореографката Саша Ефтимова, херојски е што сите уметници прифатиле да учествуваат во еден ваков проект. „Сметам дека ако успееме со една ваква претстава, нашата иднина како национална куќа, може да опстои со тоа што ќе имаме нови уметнички креации и дела со кои може понатака да работиме додека не се смири ситуацијата“, рече Ефтимова.

Пред балетскиот спектакл „Болеро“, НОБ одржа Гала-концерт на сцената „Долни Сарај“. Публиката имаше можност да ужива во прекрасните оперски арии што ги изведуваа сопранистките Сандра Митровска и Катерина Стојановска, на тенорот Ѓорѓи Цуцковски, како и на Владимир Саздовски-бас кои беа придружувани од Оркестарот на Операта и Балетот под диригентство на Бисера Чадловска.

„Годинешното ‘Охридско лето’ и поканата за нас како уметници е навистина еден фасцинантен мотив за повторно да се вратиме во уметничка форма. Минатата година имавме спектакуларен концерт на фестивалот со оперската пејачка Инва Мула и тоа е момент за паметење, меѓутоа во овие услови, сигурен сум дека на нашата публика ѝ ги стопливме срцата и им ја вративме волјата за живеење и љубовта кон уметноста“, рече првенецот на НОБ, тенорот Ѓорѓи Цуцковски кој ги изведе најпознатите арии од оперите „Кармен“ и „Турандот“.

Концерти на Петрит Чеку и Фукио Саксофон Квартет – викендов на „Охридско лето“

Викендов, публиката на „Охридко лето“ ќе има можност да ужива во два концерта. На 15 август, со почеток од 21 часот во предворјето на црквата „Св. Софија“ концерт ќе одржи гитаристот Петрит Чеку од Косово/Хрватска. На програмата ќе бидат изведени Ј. С.Бах, В. А. Моцарт, Л. В. Бетовен, Г. Листеш и Ф. Шуберт. „Специфичниот сензибилитет и експресивност на Петрит Чеку се главните карактеристики кои ја привлекуваат публиката на неговите концерти насекаде низ светот. Настапува како солист на рецитали, но и со Симфонискиот оркестар на Балтимор, Чешката камерна филхармонија, Државниот оркестар Ермитаж од Санкт Петербург, и Загрепската филхармонија. Редовно настапува со гудачкиот ансамбл ‘Загрепски солисти“ и е основач на Триото гитари ‘Елогио’“, посочуваат од „Охридско лето“.

На 16 август, пак, со почеток од 21 часот во предворјето на црквата „Св. Софија“ настап ќе има Фукио Саксофон Квартетот од Шпанија, а на програмата ќе бидат изведени А. Дворжак, И. Албениц, А. Пјацола, М. М. Понсе, Г. Лаго.

„Фукио“ е еден од највозбудливите млади саксофон квартети во Европа. Од нивното основање во 2007 квартетот е интензивно посветен на истражувањето на камерната музика за саксофон. Го сочинуваат Хоакин Саез Белмонте – сопран саксофон, Хавиер Ларсон Паез – алт саксофон, Хозе Мануел Бањулс Маркос, тенор саксофон и Kсабиер Касал Арес – баритон саксофон.