Спасовски: Рано е да се прават комбинаторики за можен кандидат за претседател на државата

24

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија на прашањето дали размислува да биде можен кандидат за претседател на државата на следните избори, потенцира дека е рано е да се прават какви било комбинаторики, иако неколку медиуми го поставуваат тоа прашање.

Сметам дека не е ниту момент, ниту време да се занимаваме со некакви кадровски комбинаторики, со некакви лични можеби видувања на состојбите, амбиции, бидејќи сега е моментот кога имаме сериозна енергетска и економска криза и треба сите максимално да се насочиме во тој дел. Секако дека ќе дојде моментот и ќе разговараме и на такви теми, рече Спасовски.

На прашањето зошто не се кандидираше за лидер на СДСМ, Спасовски посочи дека тоа е проценка, бидејќи во тој момент и во такви услови во кои претседателот на партијата се повлече, а тој беше дел од тоа раководство како потпретседател и претходно генерален секретар, сметал дека треба да се даде шанса и на други луѓе, на поинаква енергија, можеби и на поголема мотивираност.

– Тоа е добро за демократијата внатре во партијата, тоа е добро за државата, затоа што секогаш СДСМ има голем кадровски потенцијал. Секогаш ќе имате забелешки, никогаш работите нема да бидат црно-бело, секогаш опозицијата ќе наоѓа забелешки, затоа што едноставно така ги сфаќаат политичките односи. Тоа треба да го промениме ако сакаме да се реформираме, најважно е да се промениме сите ние во размислувањата. Тоа беа основните причини. Јас сум тука, давам и ќе давам поддршка секогаш на СДСМ, заради тоа што сметам дека идејата на социјалдемократијата е многу посебна за општества како што е македонското општество, нагласи Спасовски.

Тој потенцираше дека е дел од Централниот одбор на партијата, дека е дел од Владата и додека е тука и ќе работи максимално посветено, затоа што смета дека интересот на граѓаните и на државата треба да бидат на прво место.