Вонредните парламентарни избори ќе се одржат на 5 јули, објави премиерот Оливер Спасовски од Куманово. По завршувањето на вонредната состојба од 14 дена, се исполнува законскиот рок од 22 дена до изборите.

„Тоа е единствена опција пропишана со закон, и не постои друг правен механизам. Ако прецизно се одброи,  тоа значи дека изборите ќе бидат на 5 јули. Било какво пролонгирање не можно ниту од правен, ниту од праведен аспект. Секој термин на избори кој ќе навлезе во летниот период ќе го загрози гласачкото право на граѓаните, зашто ќе се спротивстави со правото на летен одмор. Избори наесен се опасна идеја по здравјето на граѓаните и економијата“, рече Спасовски.

Тој додаде дека ќе биле посреќни ако датумот се одредувал со политички консензус, но поради тоа нема да дозволат вечни преговори и саботажи од ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи не можат да се договорат политичките лидери, одговорноста мора да ја преземат институциите на системот.

„Со ова ова последно продолжување на вонредната состојба, датумот за избори се фиксира на 5 јули. Ги повикуваме сите партии, особено ВМРО-ДПМНЕ, да преземат одговорни чекори и да бидат дел од решението, наместо да бидат извор на проблемот. Изборите се поважни и од кафеаните и од спортските натпревари, славите и веселбите. Ако можеме да пазаруваме со маска, да седиме во ресторан и состанок под маски, тогаш можеме со сигурност и да одиме на избори“, кажа Спасовски.