Спасовски го отвори ФИС „Ролер ски купот Тоше Проески“

28

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го отвори ФИС „Ролер ски купот Тоше Проески“. Во своето обраќање, тој истакна дека овој спортски настан, што низ годините прерасна во традиција, ги чествува името и споменот на нашата музичка легенда Тоше Проески, ги негува спортската култура и современите спортски трендови.

– Денешниов настан во сите нас, колку што ја буди гордоста, во иста мерка потсетува на непреболот за еден прерано згаснат млад живот, за една од најмаркантните личности во македонската понова историја – нашиот Тоше Проески. Сите ние сме бескрајно благодарни на неговото безвременско музичко творештво, на неговите песни, на гласот што ја плени Македонија, целиот Балкан, што силно затропа пред вратите на Европа и светот, демонстрирајќи го моќно грандиозниот од Бога даден талент, рече Спасовски.

Министерот им посака успеси на натпреварувачите на годинашниот куп и додаде дека со промовирање на Крушево и нашата земја, ја продолжуваат улогата на Тоше на вистински амбасадор насекаде низ светот.

Претходно, Спасовски го посети и вечното почивалиште на Тоше Проески.