Со 155 милиони денари општина Битола ќе субвенционира купување инвертер клими

53

Општина Битола објави јавен повик за субвенционирање на домаќинствата во тој град за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди. Оттаму информираат дека пријавувањето за јавниот повик се врши електронски и ќе се одвива во периодот од 18 септември до 2 октомври.

– Целта на јавниот повик е домаќинствата во Општина Битола да ги заменат печките на тврди и фосилни горива коишто ги користат за затоплување на станбениот простор во којшто живеат, преку субвенција за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди. Максималниот износ на субвенцијата што може да го искористи еден барател, носител на домаќинство изнесува 55.800 денари и истиот може да се искористи за надоместување на трошоците за набавка и монтажа на еден или повеќе високоефикасни клима уреди – посочуваат од Општина Битола.

Предност при распределувањето на вкупните средства во висина од 155 милиони денари ќе имаат барателите/носителите на домаќинства кои живеат во централно градско подрачје, односно зоните број 1, 2, 3, 4 и 5, жители од улиците „Даме Груев“, Јени Маале 2, Боримечка, Североисточна зона, Ушици, Баир, Девеани, Станбена заедница 3, 4, 5, 6, 7 и 8, како и областа Маџар Маало, Горно Оризари и Стрелиште.

Општина Кичево пак, побара до средината на октомври да бидат инсталирани сите инвертери на кои им биле исплатени трошоците за набавка на уредите за 2020 година.

– Сите баратели на субвенции, кои ги исполниле критериумите според јавен повик за надоместување на трошоците за набавка на високо ефикасни инвертер клима уреди, треба да ја завршат до 15 октомври 2020 година. Сето тоа во насока на сериозност, ефикасност и ефективност на целиот проект и кон доделување на субвенции на баратели кои реално планираат почетокот на грејната сезона да го направат на најеколошкиот начин, што е целта на овој проект – вели претседателката на општинската комисија, Емилија Петкоска.

Сите баратели на субвенции, кои нема да донесат документи за втората фаза во архива на Општина Кичево ќе бидат одбиени.