Кошаркарите на Австралија се последните полуфиналисти на Олипијадата во Токио, откако во четвртфиналето славеа над Аргентина со убедливи 97:59.

Освен првата четвртина, која ја доби Аргентина со 22:18, Австралија беше доминантна во преостанатите три (21:11, 21:15, 37:11) за голема победа и пласман меѓу четирите најдобри.

Ова воедно беше и последна Олимпијада за 41-годишниот Аргентинец Луис Скола, кој мечот го заврши со 7 поени и четири скокови.

Најефикасен во победничкиот состав беше Пети Милс со 18 поени, додека на спротивната страна Николас Лапровитола со 16 коша.

Австралијците во полуфиналето ќе играат против првиот кандидат за златото, тимот на САД, додека другото полуфинале го сочинуваат Словенија и Франција.