Со перформанс отворена „Грабење во просторот“: Стефанов го запали Ангелот пред МСУ

420

Пред официјалното отворање на Скопско лето предвидено за утревечер (21 јуни), во Музејот на современата уметност синоќа со палење на инсталацијата Ангелот се отвори ретроспективната изложба на истакнатиот македонски уметник Глигор Стефанов, кој живее во Канада. Македонската публика изложбата ќе може да ја погледне до почетокот на септември

Со палење на инсталацијата Ангел, изработена од слама, од страна на нејзиниот автор Глигор Стефанов, а која беше поместена пред Музејот на современата уметност, се означи отворањето на ретроспективната изложба на овој истакнат македонски уметник кој живее во Канада. „Огнот ја означува ангелската сила и создавање на цртеж преку три различни интерпретации: 3Д форма на сламата, цртеж со оган и цртеж со трагите од пепелта“, изјави за весникот „Вечер“, кустосот Благоја Варошанец од МСУ.

Насловена како „Грабење во просторот“, изложбата беше презентирана во три сегменти низ просторот на МСУ во кои беа претставени над 11 инсталации од слама, дрво, акрил… реконструирани врз основа на делата на Стефанов: Ангели, крила, серафими, гнезда… Импресионираше и стометарската инсталација Гнездо во третата сала на МСУ која е заокружување на сите негови фази и дела во една голема инсталација. Многубројната публика уживаше во грандиозните дела на овој уметник кој по 30 години се врати на македонската ликовна сцена, од која беше отсутен од далечната 1986 кога последен пат имал поставка во МСУ. Тој сега живее и твори во Канада.

 

За изложбата, самиот автор истакна дека таа не е класична ретроспективна изложба на која може да се соберат делата од ателјето и да се постават во просторот. „Таа колку што ретроспективна толку е и нова“, посочи Стефанов бидејќи делата и неговиот процес на размислување се повторно реконструирани во МСУ врз основа на фотографии од неговите инсталации. Во поставката се поместени и 50 фотографии од инсталациите на авторот кои не можеле да се реплицираат.

Според Варошанец, на изложбата, на која е работено две години преку истражување на целокупното творештво на авторот, се преставени сите циклуси на Стефанов преку делата изработени од 1981 до 2019 година.

„Сламата и дрвото, повремено и акриликот се основен материјал на леталата што ги создава по неговото заминување во Лондон 1989 каде го изложува ‘Леталото што слета’. Тогаш се настанати ‘Небески сили 1 и 2’, серијата цртежи од циклусот ангелски чинови „Серафими“. Во 1990 обликува објекти со слама на дрво или со акрилик на платно, како што се ‘Ангел – престол (тркало)’ и другите три под наслов ‘Серафим 1,2 и 3’, а на крајот ‘Просторен Серафим’. Со гранки и стебла во Граздел ја реализира најголемата инсталација ‘Херувимски крилја’ (15х11х27 м), при што ја додава едновечерната инсталација со свеќи. Во 1991 ја остварува инсталацијата за Циренцестер преку делата ‘Ангел-Херувим’ (со слама, трева, дрво и батериски светилки) и ‘Ангелска енергија’ (со слама, гранки и акрил на платно)… Во непосредната околина на Џардини тој своите објекти со слама ги постави на дрвјата со слама, трева и памук чии асоцијации веќе беа дефинирани како Серафими, Херувими, Престоли. Нивната визуелна моќ беше рефлектирана не само преку димензиите, туку и преку рефлексијата на користениот материјал што е основниот чинител на знаковноста. Во 1994 во Германија учествува со ‘Ангели-Престоли’ (слама, трева, памук на дрво), дело кое е сега во сопственост на Националната галерија на Македонија…Во САД ја прикажува инсталацијата ‘Гнездена структура’ (трева и градинарска мрежа, 8х3х2 м), a потоа во Виндзор со трева и конопен конец е обликувано ‘Осиното гнездо’. Во Канада перформативно на земја ја поставува ‘Змиестата форма’ (слама и мрежа долга 17 м.), а потоа ја пали и како последен чин е ‘отисокот’ на црната линија резултат на горената форма“, се само дел од делата кои се претставени во каталогот кон изложбата.

Со она што го прикажува Стефанов тој се потврдува како еден од најзначајните македонски ликовни уметници во последните 40-ина години. Роден е во 1956 во Кавадарци, и има реализирано повеќе самостојни изложби, инсталации и интервенции во Кавадарци, Скопје, Белград, Загреб, Камбрија, Лондон, Даблин, Венеција, а со групни изложби, покрај во дел од споменативе градови се има претставено и во Будимпешта, Нирнберг, Дрезден, Виндзор. Добитник е на повеќе награди во Македонија и поранешна Југославија.

Изложбата, синоќа се отвори во рамки на 40. издание на фестивалот Скопско лето, чиј официјален почеток е предвиден за утревечер, 21 јуни, со Гала оперски концерт на Националната опера и балет под диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, а на кој ќе настапат реномирани македонски солисти и првенците на НОБ, заедно со оркестарот и хорот на оваа институција на плоштадот „Мајка Тереза“.

(Н.И.Т.) Фото: Н. Батев