Со  “пеперутки“ во стомакот на концертот на Гоце Пејковски – популарниот македонски фолкер повторно ја освои домашната публика

624

Гоце Пејковски го одржа зборот и направи успешен, целовечерен, скопски концерт за незаборав. Кралот на кафеаните, како што неофицијално го нарекуваат, овој популарен македонски фолк-пејач, славејќи ја својата  25-годишнина од музичката кариера, своите фанови повторно ги потсети на незаборавните песни: „Сите мои мераци“, „Кажи ми чија си ти“, „Таткова“….а, врвот на сè  беше кога Гоце ја испеа „Принцезо моја“, и тоа неколку пати на барање на публиката која беше присутна во огромен број.

Жешката јунска ноќ на отворено беше како порачана за одлична забава со настапот на овој наш пејач кој знае како се создава одлична атмосфера. И евентуално најнерасположениот го крева на нозе за да биде расположен, да заборави на своите проблеми барем за тие три часа колку што траеше овој одличен солистички концерт.

Музичката средба, која се случи во скопското Дебар Маало на „Боемска“, беше во целосен интерес на прославата на Гоце. Тој славеше и во дружба на неколкумина свои добри колеги и колешки: Благица Павловска, Наум Петрески, Марјан Коцев, Благоја Грујовски, Зуица Лазова….

Со Благоја Грујовски ја испеа и песната во дует, нивниот голем хит „Мој пријателе“.   И за очекување беше од публиката да добијат огромно ракоплескање.

Пејковски покажа и дека има исклучителен вкус и кога имиџот е во прашање. Освен што и понатаму се облекува како некој рокер, и ако е фолкер, таа вечер пејачот сепак вниманието го сврте со чиста класика: беше во црн костум со светликави ситни топчиња, на нозете имаше лаковани обувки, а неизбежно покрај опавчето во косата, имаше и пеперушка на вратот. Да беа делени оценки за изгледот на сцена, Гоце ќе ја освоеше титулата за беспрекорно среден господин. Што се вели, сè му се погоди како кец на десетка! Што е воедно и жив доказ дека и македонските пејачи можат да предизвикаат интерес кај домашната македонска публика. Само ако вистински се потрудат.

Нашите сограѓани дојдоа во огромен број да уживаат во убавата македонска песна на Пејковски, како и во неговите интерпретации. Со самото тоа кај присутните не изостанаа “пеперутки“ во стомакот. А, тоа мошне добро знаеме што значи.      Едноставно, Гоце Пејковски е еден од многу подобрите на македонската фолк-естрада.    

Дуле Миќиќ