СО ПАРИ ОД СВЕТСКАТА БАНКА: Почна реконструкција на регионалниот пат Драчево – Јурумлери

83

Со 14 милиони евра од Светска банка се обновуваат 12 регионални патишта, меѓу кои и оној од Драчево до Јурумлери, во должина од четири километри,кој е меѓу 12-те најоштетени делници во земјава.

– Започнуваме со уште еден капитален проект. Овој пат е дел од 12-те концептуални патни прави што се реконструираат преку заемот од Светка банка. Проектот се реализира преку ЈП за државни патишта, вкупната должина на сите овие правци изнесува над 120 километри регионални патишта – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој најави дека циклусот инвестиции во подобрување на патната мрежа продолжува континуирано и во наредниот период.

– Нови седум патни правци со должина од преку 100 километри, преку заем од ЕБОР, ќе започнеме да ги реконструираме до крајот на оваа година. Исто така ЈПДП до крај на годината ќе распише тендер за реконструкција на уште седум нови патни правци, а веќе следната година ќе се распише тендер за реконструкција на 14 регионални патишта со заемот од ЕБОР – посочи Сугарески и најави дека дополнително, со заем од Светска банка од околу 70 милиони евра ќе се инвестира во подобрување на локалната патна мрежа.