Со онлајн магистерски студии Европскиот универзитет ќе ја зголемува свеста за значењето на циркуларната економија

Конференцијата има за цел зголемување на свеста за значењето на циркуларната економија, која повеќе години е дел од приоритетите и стратешките документи на Европската Унија, а е приоритет и за македонските компании и институции со цел да се зајакне свеста и целокупната економија да се ориентира кон циркуларна економија

250

На Европскиот универзитет – Скопје се одржа финална конференција на тема „Како да размислиш, намалиш, реупотребиш и рециклираш“. Конференцијата е дел од двегодишниот проект „Онлајн магистерски студии за циркуларна економија“, финансиран од програмата Erasmus+ на Европската Унија, а спроведуван од Европски универзитет и ПСМ Фондација од Македонија, Универзитетот за применети науки од Латвија, Зелена Инфраструктура од Хрватска и Факултетот за комерцијални и деловни науки од Словенија.

Целта на конференцијата е зголемување на свеста за значењето на циркуларната економија, која повеќе години е дел од приоритетите и стратешките документи на Европската Унија, а е приоритет и за македонските компании и институции со цел да се зајакне свеста и целокупната економија да се ориентира кон циркуларна економија.

Во рамките на проектот беше спроведено истражување за состојбата и перцепциите на компаниите за циркуларната економија, се креираа Водич со добри практики, наставна програма за магистерски студии за циркуларна економија, а се подготвија и наставни материјали – книги и соодветни онлајн материјали за учење.

Ректорот на Европскиот универзитет – Скопје, Владо Ванковски во својот говор истакнува дека Европскиот универзитет е прва македонска институција за високо образование која е активно вклучена на развојот, образованието, промотор е на научни истражувања, европски вредности и добри практики.

Главното мото на универзитетот, според ректорот, е постојан напредок и мониторингот на Европската институција за високо образование и добра соработка.

– Овој настан е најдобар начин да се сумира универзитетската работа последниве години. Дополнително, Европскиот универзитет веќе има воспоставено силна мрежа меѓу интернационалната конференција, Еразмус плус програмата и професори и студенти вклучени во повеќе проекти, истакнува Ванковски.

Според него, развојната стратегија на универзитетот е заснована на идни проекти и активности и се надева на многу идни проекти и достигнувања засновани на висок степен на професионализам, знаење и континуирана посветеност. Според ректорот, тоа е најдобрата формула за успех.

– Благодарни сме на Европската Унија што ни ја даде оваа можност да работиме на еден ваков проект. Европската Унија е промотор на оваа Конференција, а главната стратегија е понатамошен развој во науката и вклученост на младите. Во изминатиот период партнерите на проектот одговорија со својата посветеност и обврски. Им се заблагодарувам на партнерите на проектот за нивната посветеност и пристап, појаснува ректорот.

Проф. д-р Љупчо Сотировски од Европскиот универзитет, кој е проект-координатор, во своето излагање меѓу другото рече дека циркуларната економија има за цел максимална употреба и реупотреба на ресурсите, кое истовремено треба да биде во хармонија со животната средина. Станува збор за нов економски модел кој ќе овозможи раст на економијата и постигнување социо-економска стабилност кај граѓаните.

-Циркуларната економија претставува нов економски модел кој е фокусиран на дизајнирање и производство на конкурентни материјали за повторна употреба, преработка и рециклирање. Циркуларната е алтернативна на традиционалната линеарна економија (создади, користи, отстрани) и во неа ресурсите се користат што е можно подолго и максимално се искористува нивната вредност, а потоа од нив се обновуваат и создаваат нови производи и материјали, појасни проф. д-р Сотировски.

Тој додаде дека циркуларната економија треба да биде способна да одговори на потребите на бизнис секторот кој во иднина треба да биде повеќе вклучен за да не ни бидат полни контејнерите.

Циркуларната економија базира на регенеративен кружен модел, кој гради економски, природен и општествен капитал. Потпирајќи се на иновацијата низ целиот систем, таа има за цел да ги редефинира производите и услугите преку дизајнирање без отпад, истовремено минимизирајќи ги негативните влијанија. Базира на три основни принципи, дизајн без отпад и загадување, задржување на производи и материјали во употреба, регенерирање на природните системи.