СО ОДЛУКА НА ВЛАДАТА: Во 58 општини државата ќе продава градежно земјиште по цена од 70 денари за квадрат

66

Цената е 23 пати пониска од реалната и важи само за дооформување парцела за изградба на ученички и студентски домови, домови за стари и незгрижени лица и деца без родители, а продажбата е со непосредна спогодба

 

Во 58 општини во реоните пет и шест државата по пат на непосредна спогодба ќе продава градежно земјиште по цена од 70 денари за квадрат за иградба на ученички, студентски домови, домови за згрижување стари лица, за деца без родители и домови за незгрижени лица.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека оваа цена е 23 пати пониска од реалната, која во зависност од општината се движи од 400 до 1.600 денари за квадрат, а важи само за оние кои купуваат државно градежно земјиште за да дооформат парцела која од претходно ја имаат, а на неа треба да изградат објекти со предвидените намени. За сите други продажби на државно земјиште важат вообичаените правила – објавување оглас и јавно наддавање по вообичаената повисока почетна цена.

– На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата ја измени Уредбата за висина на цената на градежното земјиште во сопственост на државата и на висината на посебните трошоци за спроведување на постапката за отуѓување и давање под закуп. Одлуката за намалување на цената е дел од нашите реформски цели со кои сакаме да го стимулираме градежниот сектор. Истовремено, ова е значајна социјална мерка со која ќе се овозможи згрижување и подобрување на условите за домување и престој, рече Сугарески.

Како што појасни, изборот на општините е направен врз основа на проценките за интерес за изградба на објекти за ваква намена, но и поради потребата да се поттикне развојот во одредени општини. Додаде дека со оваа мерка исто така ќе се стимулира приватниот сектор, ќе се привлечат нови инвеститори, а ќе придонесе и за локален економски раст и порамномерен развој во државата.

(С.Ву.)