Со нов јавен повик ќе се бираат приватните превозници  

53

Град Скопје изготви нов јавен повик на кој секој од сегашните поединечни превозници, сопственик на приватен автобус ќе може индивидуално да аплицира, да добие линија на која ќе сообраќа и да работи чесно за обезбедување соодветен јавен превоз.

Ова го обелодени градоначалничката Данела Арсовска за оние кои како што истакна злоупотребиле, да не шпекулираат за причините на прекин на договорите.

Арсовска обвини дека „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ наплаќале билети, а тие пари не ги пријавувале и ги ставале во џеб, а потоа фактурирале и 400.000 евра од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ секој месец, нагласувајќи дека оваа „шема“ траела цели пет години.

-Како што може да се види од аналитичките картички, доказ дека ова се случувало е фактот што тие од 2017 година не добавиле билети од ЈСП  кои потоа ги продаваат на патниците. Од 2017 година „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ не пријавиле ниту еден продаден билет во ЈСП Скопје, иако за билети наплаќаат од патниците- потенцираше Арсовска.

Таа објасни дека ЈСП склучува договори со приватните превозници, во случајот „Макекспрес“ и „Слобода Превоз“ врз основа на кој ЈСП има обврска на приватните превозници да им исплаќа по едно евро а сега по зголемување на дериватите по 1,5 евра по извозен километар

-Оваа обврска месечно чини околу 24 милиони денари, но, од оваа сума треба да се одбие сумата која приватните превозници ја оствариле од продажба на билети за возење – појасни таа додавајќи дека приватните превозници, согласно член 5 од нивинот договор, имаат обврска продадените билети да ги потврдат со фискална сметка, и да ги валидираат во интегрираниот систем со ЈСП. Кога ќе го направат тоа, од вкупната сума која ЈСП  ја должи за извозен километар, се одбива сумата која од продадени билети ја оствариле приватните превозници. Но, ниту јас, ниту градот Скопје, ниту ЈСП нема да бидеме сојузници во криминал кој траел од 2017 година – потенцираше Арсовска.

Дополнително, како што истакна таа средствата кои ЈСП ги исплаќал кон овие две здруженија, не се знае на кој начин биле распределувани и кој превозник колку средства добил. Ова како што најави таа ќе резултира со покренување на соодветна постапка по финалниот ревизорски извештај, додавајќи дека криминалот и корупцијата и оние кои злоупотребуваат, нема да наидат на поддршка во градот.

-Се обврзавме дека ќе расчистиме со тоа што до сега било кочничар за развој на градот, ЈСП се консолидира, се спроведуваат реформи во насока на прилагодување на еко стандарди и се движи кон трајно решавање на предизвиците во јавниот превоз- заклучи Арсовска.

(А.П.)