Со новиот указ на Бајден голем број документи за нападите од 11 септември стануваат достапни за јавноста

52

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска потпиша указ со кој се наложува отстранување на ознаката за доверливост од одредени документи од истрагата на ФБИ за терористичките напади на 11 септември 2001 година.

Уредбата, издадена нешто повеќе од една недела пред 20-годишнината од нападите на терористичката мрежа Ал Каеда врз Њујорк и Вашингтон, означува значаен момент во долготрајната битка меѓу владата и семејствата на жртвите за тоа кои доверливи информации би можеле да бидат ослободени.

Конфликтот кулминираше минатиот месец кога околу 1.800 преживеани, членови на семејствата на загинатите и членови на итните служби се спротивставија на учеството на Бајден во одбележувањето на годишнината доколку документите останат доверливи.

Во изјавата, Бајден потсети дека во претседателската кампања, тој се обврза да обезбеди транспарентност во врска со декласификацијата на документите и додаде дека со почит ќе се вклучи со семејствата на жртвите, пренесува Ројтерс.

– Значајните настани за кои се работи се случија пред две децении и претставуваат трагичен момент кој продолжува да одекнува во американската историја и во животот на толку многу Американци. Затоа е клучно за американската влада да обезбеди максимална транспарентност, потпирајќи се на класификацијата само кога е соодветно и неопходно, се нагласува во декретот.

Со декретот, Бајден нареди Министерството за правда и другите извршни судски служби да започнат со проверка на доверливоста на документите, како и да ги објават документите од кои е отстранета ознаката за тајност во следните шест месеци.