epa11526422 Noah Lyles of the USA celebrates after winning the Men 100m final of the Athletics competitions in the Paris 2024 Olympic Games, at the Stade de France stadium in Saint Denis, France, 04 August 2024. EPA-EFE/FRANCK ROBICHON

Американецот Ноа Лајлс славеше во најатрактивната атлетска дисциплина – спринт на 100 метри, на Олимписките игри во Париз. По сензацијата приредена од Џулиен Алфред од малата земја Сент Луција, се случи голем спектакл во женскиот и во машкиот спринт, а победникот беше решен по прегледот на фотофинишот.

Американецот имаше лош старт и заостануваше зад конкуренцијата, но како што се ближеше целта така го зголемуваше чекорот. Направи неверојатен подвиг и ги обедини светската и олимписката титула. Резултатот на Лајлс, кој беше доволен за златото, е 9,79 секунди, колку што беше и времето на Кишеин Топмсон од Јамајка. Фотофинишот му го „додели“ златото на Американецот. На третото место заврши Американецот Карли, додека четврти низ целта мина Симбине од Јужна Африка. Олимпискиот шампион од Токио, Џејкобс, заврши на петтото место.

Треба да се напомене дека сите десетмина финалисти во полуфиналето имаа време побрзо од десет секунди, што е вистинска реткост.

Меѓутоа, американскиот атлетичар ги трогна љубителите на атлетиката и воопшто на спортот со кажувањето за тоа со какви проблеми се соочил во животот, кои не го спречиле да го освои златниот медал на Олимписките игри во Париз и да биде најдобар атлетичар во светот, во најатрактивната дисциплина во „кралицата на спортовите“.

– Имам астма, алергии, дислексија, нарушување поради недостиг на внимание, анксиозност и депресија. Но, дозволете ми да ви кажам, тоа не дефинира што може да постигнете. Зошто не и вие? – гласеше пораката на Лајлс до неговите следачи на социјалните мрежи.