Со кого се допишувала Катица Јанева?!

227

Вештачењето на мобилниот телефон на Катица Јанева треба да даде одговори на сите отворени прашања во врска со нејзината евентуална вмешаност во случајот „Рекет“.  Од Обвинителство за весникот „Вечер“ потврдија дека завршило вештачењето на телефонот на Јанева, но во интерес на понатамошната истрага, деталите засега нема да се соопштуваат во јавноста. Што открива телефонот на специјалната обвинителка во оставка, ќе биде обелоденето кога ќе се создадат услови за тоа, изјавија од Обвинителството.  Не се откриваат никакви детали од истрагата што значи дека сè уште е тајна чии се телефонски броеви се пронајдени во телефонот на Јанева, со кого се слушала и допишувала и дали и кого побарала непосредно пред да ú биде одземен мобилниот. Јанева не е под истрага, а вештачењето требало да покаже дали обвинителката имала контакти со инволвираните во случајот „Рекет“.

Обвинителката Вилма Рускоска деновиве за медиумите изјави дека Катица Јанева не била под ПИ мерки и оти таа лично не верува дека избегала од државава.

Во исто време, медиумите пишуваат дека две обвинителки од СЈО стапиле во контакт со Рускоска. Таа појасни дека тие прашувале дали треба да дојдат во Обвинителството да дадат исказ.

Телефонот на Јанева е конфискуван заради истрагата, но се појавија информации дека таа имала и друг телефон, кој според исказот на нејзиниот син, наводно го имала изгубено на патување во Белград.

Обвинителката Рускоска изјави оти уште неколку бизнисмени веќе дале изјава во Обвинителството.

„Имам сознанија за други случаи, но не можам да ви кажам за колку лица се работи. Тие лица дадоа изјава и сега бараме докази за да ги потврдиме исказите“, изјави јавната обвинителка за организиран криминал, Вилма Русковска за „Дојче веле“.

Шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, боледува во  Гевгелија, објавија медиумите,  со што прв пат се открива нејзината локација по аферата „Рекет“ и по нејзината оставка.

Потврдено дека Јанева е на боледување од 16 јули, а è се препорачува лекови и одмор. Докторката која ú го препишала боледувањето на Катица Јанева минатата недела заминала на одмор во Бугарија.

„Рекет“ да се реши до крај

Брзо  решавање на случајот Рекет побара и шефот на државата Стево Пендаровски, и потенцираше дека ќе инсистира државните органи да ја истераат работата до крај.

– „Рекет“ да се реши брзо и до крај, да не се остави ни најмал сомнеж. Навистина до крај за да не се остави ни најмал простор за сомнеж, дека некој некого штити  или дека повторно се рециклираат некои лоши практики од минатото, кога одредени политички фактори штитеа бизниси, односно беа заштита за криминалните бизниси и на тој начин знаеме до кое дереџе дојдовме – изјави  Пендаровски.

Меѓународната заедница и понатаму будно ги следи случувањата со случајот „Рекет“ и Специјалното јавно обвинителство.

Случајот „Рекет“ покажува дека Јавното обвинителство се бори против корупцијата на високо ниво и го поддржуваме да работи на вакви случаи, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар и додаде дека не гледа причина за политичка криза во земјата.

„Случајот со СЈО и обвинителката Катица Јанева го гледам од позитивната страна. Гледаме дека Јавното обвинителство се бори против корупцијата, дека води борба против корупцијата на високо ниво. Сметам дека ги подржуваме Јавното обвинтелство да биде поангажирано и да работи на вакви случи. Мислам дека нема причини за политичка криза во државата, бидејки институциите функционирааат, ЈО е функционално, а функционира и СЈО“, изјави евроамбасадорот.

Тој додаде дека е земено предвид тоа што специјалната обвинителка Катица Јанева ја нема и дека си даде оставка, но дека СЈО ќе продолжи да функционира до 15 септември, додека е Законот за неговото постоење.

„Дотогаш има доволно време лидерите на партиите да размислат за работата на СЈО, можноста тоа да биде интегрирано во рамките на Општото јавно обвинителство. Меѓутоа има време сето тоа да се реши“, нагласи евроамбасадорот.

 

Како до 80 пратеници?

Во исто време новиот текст за законот за Јавно обвинителство, со кој се предвидува Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во Јавното обвинителство за организиран криминал и копрупција, најверојатно уште денеска ќе се најде пред пратениците во Собранието.

Предлог-законот по предлог на Владата, стигна до законодавниот дом, откако претходно не успеа одржувањето на лидерската средба, на која, меѓу другото, требаше да се расправа и за законот за ЈО.

Новиот текст на законот, како што посочи премиерот Зоран Заев минатата недела во себе ги вклучува голем дел од забелешките на опозицијата, а тој тогаш кажа дека за иден шеф на новото СЈО ја предлага обвинителката Вилма Русковска. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се согласи со интегрирањето на СЈО во јавнообвинителскиот систем, но не се согласува тоа да биде предводено од Вилма Русковска.

Новото СЈО ќе се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела теритоија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Македонија.

Сите обвинители од СЈО можат да продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор ако сакаат да се кандидираат. Истото важи и за останатиот персонал, а архивата и опремата ќе бидат префрлени во новото обвинителство.

Заев истакна дека со ова решение ќе се обезбедат досегашната структура и ресурси на СЈО во нова форма и без каква било можност политичарите да одлучуваат за составот и раководството. Тие одлуки ќе ги носи Советот за јавни обвинители.

За законот за јавно обвинителство неопходна е поддршка од 80 пратенички гласови, чие обезбедување ќе биде вистински предизвик во наредниот период. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак подготвуваат нивна верзија на законот, која според информациите ќе биде готова до крајот на неделава.

Катица Јанева се крие заедно со еден од нејзините телефони кој никој не знае каде е и оти може да влијае на сведоци, може да избега, може да уценува, да рекетира и се останато, реагира портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

-Според признанијата на обвинителката Русковска, Катица Јанева до сега требаше да биде сослушана и да биде заедно со нејзиниот син во притвор. Дали Зоран Заев, Оливер Спасовски и Вилма Русковска ја штитат и ја кријат Катица Јанева од органите на прогонот? Има неколку нелогичности во целиот случај и постапка. Русковска јавно призна дека знаела цели два месеца за разговорот помеѓу Катица Јанева и Боки 13 и што се се разговарало во него, но не преземала ништо по тоа прашање два месеца, а еве не презема се уште“, рече Арсовски.

Владата го пушти предлог-законот за Јавно обвинителство во процедура откако пропаднаа неколкумесечните преговори со работните групи од ВМРО-ДПМНЕ.