СО ЕВРОПСКИ ПАРИ: На три училишта во К.Паланка ќе се постават фотоволтаици

94

На објектите на двете основни и средното општинско училиште во Крива Паланка ќе бидат поставени фотоволтаични системи. Активноста се реализира како дел од проектот „Проектирање и изведба на фотоволтаични системи во рурални општини“- финансиран со средства од Европската унија.

ЕУ обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20,667 милиони евра. Програмата ја имплементира Министерството за финансии, а истата е администрирана од страна на Светска банка. Во рамки на истата се реализира проектот „Проектирање и изведба на фотоволтаични системи во рурални општини“, со кој ќе бидат поставени фотоволтаични системи во 36 општини на вкупно 108 објекта во државата.

– Во општина Крива Паланка се финансира поставување фотоволтаични системи на објектите на основните општински училишта „Илинден“ и „Јоаким Крчовски” и средното општинско училиште „Ѓорче Петров” , каде веќе е отпочната монтажата на фотоволтаици – информираат од локалната самоуправа на општина Крива Паланка.

Иплементацијата на овој проект ќе придонесе за заштеда на електрична енергија во јавните објекти преку користење алтернативни извори за производство на енергија и заштита на животната средина.