Софија го засилува притисокот врз Скопје

Бугарија на дводневните состаноци на Европскиот совет во Брисел најави дека ќе бара ЕУ да ги повтори своите позиции во врска со Македонија и да се повика земјава да ги исполни обврските околу европската преговарачката рамка, договорена во јули 2022 со која се отстрани бугарската блокада на евроинтегративниот пат на земјава, но и се вметнаа уставни измени како услов за отворање на преговарачките поглавја со Унијата. „Очекувам да се испочитуваат договорите и затоа ќе ги потсетам моите колеги какви обврски беа преземени уште на 18 јули 2022 година и кој е патоказот за прифаќање на Република Северна Македонија во ЕУ“, изјави бугарскиот премиер Димитар Главчев пред почетокот на состанокот во Брисел Сепак, денеска во заклучоците за Македонија немаше посебен дел , а Советот упати заедничка порака кон сите земји-кандидатки кои имаат билатерални проблеми да ги решат.

243

Бугарија на дводневните состаноците на Европскиот совет во Брисел побара Европската Унија да ги повтори своите позиции во врска со Македонија и да се повика земјава да ги исполни обврските околу европската преговарачка рамка договорена во јули 2022, со која се отстрани бугарската блокада на евроинтегративниот пат на земјава, но и се вметнаа уставни измени како услов за отворање  на преговарачките поглавја со ЕУ.

Премиерот на техничката влада на Бугарија, Димитар Главчев, пред почетокот на седницата во Брисел изјави дека за време на дискусијата ќе побара од Европскиот совет да ги потврди заклучоците од 14 декември 2023 година, како и заклучоците на Советот за Македонија и Албанија од 18 јули 2022 година и да ја повикаат Македонија да ги преземе чекорите наведени таму за да постигне напредок на нејзиниот пат кон европската интеграција.

„Очекувам да се испочитуваат договорите и затоа ќе ги потсетам моите колеги какви обврски беа преземени уште на 18 јули 2022 година и кој е патоказот за прифаќање на Република Северна Македонија во ЕУ“, изјави  бугарскиот премиер Димитар Главчев.

Бугарскиот премиер  потсети и дека заклучоците на Советот од декември 2023 година се уште поконкретни и се фокусирани токму на измените во Уставот на Македонија.

„Ќе ги информирам колегите од Европскиот совет какво е расположението и да се потсетиме што беше донесено во оваа прилика. Претпоставувам дека колегите од Грција нема да останат неинволвирани, но ни е важно да покажеме која е бугарската, но и европската позиција“, рече Главчев.

Запрашан дали Бугарија разговарала со Грција за преземање на некакви заеднички акции, бугарскиот премиер изјави дека засега не станало збор за нешто такво, но дека и тоа не е исклучено во иднина.

До најновите заострувања во комуникацијата меѓу официјално Скопје и Софија следува по изборот на новата влада предводена од Христијан Мицкоски и неговата изјава дека е можна промена на европската преговарачка рамка.

На ова деновиве остро реагираше и бугарското МНР  кое деновиве му порача на новиот премиер , Христијан Мицкоски, дека веќе преземените меѓународни обврски не може повторно да се преговараат и  дека тоа би довело само до ново оддалечување од почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

Со реакција се огласи и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

„Ние не спречуваме никого во самоопределување, но многу ќе ги спречиме токму овие обиди да се припише историјата“, изјави потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова и кажа дека сака Македонија и Бугарија да бидат добри соседи, но со почитување на заедничко културно наследство.

Остри забелешки за новото македонско раководство имаше и  претседателот на Бугарија Румен Радев кој изјави дека маските конечно паднале и оцени дека новата политичка власт јасно покажала дека „најголемиот страв е да го препознае самото постоење на зборовите Бугарин и бугарски во државата.

– Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји членки, против меѓународните обврски, но пред се против сопствените граѓани, тука јасно ги кажаа своите амбиции за европски развој на земјата – изјави Радев.

Мицкоски деновиве возврати на реакциите од Бугарија изјавувајќи дека тој е за  почитување на договорите, но рече дека тоа е и двонасочна улица.

-Поминаа времињата кога имаше политичари кои виткаа кичма и потпишува сè, а притоа  ја ограбуваат земјата. Јас сум за почитување на договори, но тоа е двонасочна улица, изјави деновиве Мицкоски.

За потсетување пред неколку години односите  со Бугарија  се затегнаа поради спорови околу јазикот и историјата, а  Софија одби да го поддржи отворањето на пристапните преговори меѓу официјално Скопје и ЕУ додека Македонија не ги внесе Бугарите во Уставот.

Во последните заклучоците на Европскиот совет за Македонија беше посочено дека ЕУ е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Македонија, веднаш штом земјата ги направи уставните измени, во согласност со одлуките на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.

М.С.