Сопственикот на автобусот по несреќата во Хрватска: „Не ме мачете мојот живот е уништен“

Полски автобус, во кој се превезувале 44 лица, 42 патници и двајца возачи, а кој сообраќал од град во близина на Варшава за Меѓугорје во саботата во 5 часот и 20 минути слетал во канал на автопатот од Вараждин кон Загреб. Во страшната несреќа загинаа 12 патници, а 32 се повредени

1151

Сопственикот на полскиот автобус кој во саботата имаше тешка сообраќајна несреќа во која загинаа 12 лица, а 32 се повредени, вели дека е во шок и дека животот му е уништен. Тој тврди дека автобусот бил исправен и ги поминал сите технички тестови.

„Единаесет лица загинаа на лице место, а дванаесеттиот почина во операционата сала. Десетици се во болниците. Не ме мачете. Во шок сум и на апчиња за смирување. Животот ми е уништен. За мене тоа е страшна трагедија, вели Јацек Антошкевич, сопственик на транспортната компанија Мегапол, чиј автобус вчера рано наутро доживеа тешка сообраќајна несреќа во Хрватска.

„Автобусот тргна во петокот во 9 часот од железничката станица Варшава-Заходниа“, објаснува Јацек Антошкевич. Во возилото имало 44 лица, меѓу кои и двајца искусни возачи“, додаде тој.

Според него, автобусот бил исправен, ги поминал сите технички тестови, но не сакаше да каже дали ова е прва толку долга рута за возачите.

Полски автобус, во кој се превезувале 44 лица, 42 патници и двајца возачи, а кој сообраќал од град во близина на Варшава за Меѓугорје во саботата во 5 часот и 20 минути слетал во канал на автопатот од Вараждин кон Загреб. Во страшната несреќа загинаа 12 патници, а 32 се повредени. Несреќата се случила на автопатот Горичан-Загреб, кај местото Брезница. Единаесет Полјаци загинале на лице место, еден починал во болница во Загреб, а неколкумина од повредените се борат за живот.

Според досега собраните податоци сообраќајната несреќа се случила кога возачот на автобусот регистриран во Полска, изгубил контрола над управувачот на возилото, кое свртело надесно, ја пробило заштитната ограда и слетало надвор од автопатот. Автобусот се забил во каналот и бил затрупан речиси десетина метри во земјата. Истражителите треба да ги утврдат причините кои довеле до страшната несреќа, бидејќи се чини дека автобусот удрил во заштитната ограда со полна брзина. Но, брзината со која се движел автобусот ќе биде тешко да се утврди затоа што тахографот  на полскиот автобус е уништен во несреќата, а откако овластен техничар се обидел да извлече податоци од него, тие не можеле да се прочитаат, објави „Јутарњи лист“.

Патувањето било организирано од католичката група „Братство на Свети Јосиф“, а крајната дестинација на групата било Меѓугорје, католичко светилиште во Босна. Поклонението во малиот град Меѓугорје е многу популарно во Полска, по извештаите дека локалните жители во 1980-тите таму виделе визија на Богородица.