Обновливите извори на енергија, од кои најголем дел се фотоволтаици, најмногу произведуваат струја во дневните часови, кога има сонце. Тоа ѝ овозможува на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), како независно тело, да направи калкулации кои ќе обезбедат враќање на дневната евтина тарифа на струјата, смета премиерот Димитар Ковачевски.
– Имајќи ги предвид сите елементи на финалната цена на струјата, ние, како Влада, продолжуваме со субвенционирање на цената на електричната енергија за да нема ценовен шок за граѓаните. Веќе во буџетот се обезбедени финансиските средства во делот на антикризните мерки за оваа година, во износ од 250 милиони евра и штом Регулаторна ќе ги има калкулациите, ќе можеме врз основа на тоа што го направиле и врз основа на факти да разговараме дали ќе има дневна евтина тарифа – вели Ковачевски.
Тој истакна дека производството на АД ЕСМ од капацитетите што произведуваат електрична енергија од јаглен и од мазут е зголемено за 44 проценти во однос на претходниот период.
– Тоа овозможува да имаме електрична енергија без никакви рестрикции, што се потврди дека е така. Второ, да имаме електрична енергија по цена што е најниска во регионот, бидејќи немаше никакво покачување на цената на електричната енергија и дополнително што државата, во минатата година ,има инсталирано 210 мегавати обновливи извори на енергија – потенцира Ковачевски.
Во февруари годинава, капацитетите на АД ЕСМ во еден ден произведоа рекордни 22.000 мегават-часови електрична енергија, што се нема случено во изминативе декади.
– Беа направени сите потребни ремонти во РЕК „Битола“, третиот блок беше ставен во употреба, РЕК „Осломеј“ се стави во целосна употреба, а порано не ни произведуваше и во ТЕЦ „Неготино“ беа направени сите ремонти и се стави во употреба. Благодарение на добрите односи што ги имаме со соседите, а тоа е набавка на суровини за производство на електрична енергија и незатворање на трансграничните капацитети за транспорт на електрична енергија, обезбедивме да имаме успешно справување со енергетската криза и така се подготвуваме и за идната година – појасни Ковачевски.
Тој истакна дека сè уште се прават калкулации за враќањето на ДДВ-то за струјата од сегашните 10 на 18 проценти и од тоа што ќе го покажат тие ќе зависи дали ќе има зголемување на данокот или ќе остане ист за да нема зголемување на крајната цена на струјата што ја плаќаат граѓаните.
– ДДВ-то е изворен приход на буџетот и ние го намаливме за струјата со цел да нема ценовен шок за граѓаните. Тоа беше намалено од 18 на 5 проценти, потоа од 18 на 10 проценти и не се качи цената на електричната енергија. Истовремено, со зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто, што повторно е пониско од вообичаените 18 отсто, зголемувајќи го производството на електрична енергија, обезбедивме да има иста цена на струјата. Сега се земаат предвид и нормалната стапка на ДДВ-то, зголеменото производство на електрична енергија, зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и доколку калкулациите покажат дека финалната цена со вклучен ДДВ може да остане иста, тогаш Министерството за финансии, ЕСМ и другите ресорни економски министерства ќе можат заедно да донесат одлука во однос на тоа дали сè уште е потребно да е држи ДДВ-то на 10 проценти или може да биде на нормална ставка од 18 проценти, а да нема зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните – потенцира Ковачевски.