Сомнежи дека зетот „го цинкарел“ Трамп кај ФБИ: Дали сопругот на Иванка е кртот?

850

Мери Трамп, психолог и внука на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, шпекулира дека Џаред Кушнер, зетот на Трамп и сопруг на неговата ќерка Иванка, е доверливиот извор кој го известил ФБИ за тоа кои доверливи документи се чуваат во Мар- а-Лаго и каде се тие.

Њузвик“ првпат објави во средата дека доверлив извор им ги дал информациите на федералните власти, цитирајќи двајца високи владини претставници. Рацијата во понеделникот, која беше одобрена од државниот обвинител Мерик Гарланд, имаше за цел да одземе строго доверливи и други документи кои поранешниот претседател ги чувал во неговата резиденција на Флорида.

Во интервју, Мери Трамп беше прашана кој би можел да биде доушникот. Таа рече дека е тешко да се каже, но посочи на Кушнер, сопругот на најстарата ќерка на Трамп, Иванка.

Кушнер и Иванка беа високи советници во Белата куќа во администрацијата на Трамп.
„Мислам дека треба многу внимателно да погледнеме зошто Џаред доби 2 милијарди долари. Мораме да размислиме кој друг би можел да биде вклучен во ова“, рече Мери Трамп.

„Звучи како тоа да е некој кој е на позицијата на Џаред. Не велам дека е Џаред, но може да биде“, додаде таа. Се чини дека Мери Трамп мислеше на инвестицијата од 2 милијарди долари што Кушнер ја обезбеди од Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија околу шест месеци по завршувањето на мандатот на Трамп во Белата куќа.

Имено, и поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен изјави дека доушникот е едно од децата на Трамп или дури и зетот.

„Тоа дефинитивно е некој од потесниот круг на Трамп“, изјави Коен за „Инсајдер“. „Не би бил изненаден ако тоа беше Џаред или некое од неговите деца“, додаде тој. Други пак, шпекулираа дека поранешниот шеф на кабинетот на Трамп, Марк Медоус, можеби му дал информации на ФБИ.

На почетокот на февруари се појавија информации дека поранешниот претседател непрописно однел доверливи документи во Мар-а-Лаго, а Националната управа за архиви и евиденција потврди дека побарала 15 кутии со документи.

Кога документите не беа предадени, ФБИ и Министерството за правда одлучија да преземат чекор без преседан да извршат налог за претрес на поранешниот претседател. Федерален судија го одобри налогот верувајќи дека ФБИ има веројатна причина.

Трамп тврдеше дека рацијата била дел од измама и лов на вештерки. Тој додаде дека гореспоменатите документи се декласифицирани и дека соработувал со надлежните во врска со примопредавањето.