Солидарниот данок ќе ги уништи успешните и ќе создаде хаос во работењето на останатите компании

Не постои пример во светот каде што се носи закон за ретроактивен период, закон кој условува, кој демотивира и кој дестимулира, вели бизнис-заедницата. Иако правниот принцип не дозволува законите да важат ретроактивно, Законот за солидарен данок е донесен и ќе се применува, освен ако Уставниот суд не одлучи поинаку. Стопанската комора очекува Законот за солидарен данок да биде повлечен. Нејзините правни тимови велат дека ова законско решение „лебди во воздух“ по неколку основи, пред сè, зашто е ретроактивно, непринципиелно и зашто не ја исполнува целта за која е наменето

102

Не стивнуваат реакциите за Законот за солидарен данок, кој, според економистите, лошо ќе влијае врз целата економија и ќе внесе нестабилност во работењето на компаниите во државата. Не постои пример во светот каде што се носи закон за ретроактивен период, закон кој условува, кој демотивира и кој дестимулира, вели бизнис-заедницата. Иако правниот принцип не дозволува законите да важат ретроактивно, Законот за солидарен данок е донесен и ќе се применува, освен ако Уставниот суд не одлучи поинаку.

Стопанската комора очекува Законот за солидарен данок да биде повлечен. Нејзините правни тимови велат дека ова законско решение „лебди во воздух“ по неколку основи, пред сè, зашто е ретроактивно, непринципиелно и зашто не ја исполнува целта за која е наменето.

– Би било несоодветно министерот да каже дека немаме право да го оспориме Законот на Уставен суд. Нашите правни тимови велат дека по неколку основи тој Закон „лебди во воздух“ и има основа да биде оспорен пред Судот. Очекуваме Законот да биде повлечен, пред сè, зашто е ретроактивен, не е принципиелен, се однесува само на одредена група компании и не ја исполнува целта за која е наменет. Ќе бидат засегнати фирми што немаат никаква врска со бенефитот од енергетската и од ковид-кризата – изјави извршниот директор на Комората, Антони Пешев.

Тој го повтори ставот на бизнисот дека секој закон треба да се носи согласно со т.н. даночен календар.

– Компаниите треба да знаат порано, од три до шест месеци, за да си го приспособат своето работење, а не како сега, да донесете закон шест месеци откога е истечен и откако се распределени добивките на компаниите. Како ќе им ги земете кога повеќето се со странски инвеститори и тие ги имаат повлечено парите? Цениме дека овој Закон, можеби, можел да биде донесен, но порано од што истекол рокот – нагласи Пешев.

Освен Стопанската комора, по донесувањето на Законот за солидарен данок реагираа и од Бизнис-конфедерацијата на Македонија и од Сојузот на стопански комори.

– Носењето на Законот за таканаречен данок на солидарност е во многу погрешен тајминг, без оглед на тоа што се однесува само на големите компании, кои остваруваат големи профити. За нас е многу чудно кога постојано зборуваме да се овозможи подобра бизнис-клима, а место тоа, власта носи ваков закон. Ние не можеме да ги извршуваме нашите обврски без да мислиме на граѓаните, на државата. Така што сметам дека нема потреба од ваков закон, особено не сега – изјави за ВЕЧЕР претседателот на Бизнис- конфедерацијата, Миле Бошков.

Од Сојузот на стопански комори сметаат дека со Законот за солидарен данок се дава еден многу погрешен сигнал и ќе бараат негово повлекување.

– Ние во многу наврати дадовме изјави дека сметаме дека овој данок дава еден многу погрешен сигнал и едноставно предизвикува еден преседан, кој не се случил досега. Вие да наметнувате одредени даночни оптоварувања надвор од пресметковниот период, создавате правна несигурност, им праќате погрешен сигнал на сите оние што работат и инвестираат во економијата – изјави претседателот на ССК, Трајан Ангелоски.

Законодавниот дом минатата недела го донесе овој Закон, кој предвидува компаниите што оствариле промет над 615 милиони денари (10 милиони евра), а добивката била зголемена за 20 отсто во однос на просекот од последните три години, да платат еднократен данок од 30 отсто и е поврзан со последиците на кризните 2020 и 2022 година, кога Владата мораше да издвои пари од државниот буџет за справување со кризите.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи низ пример претходно појасни како ќе изгледа тоа оданочување.

– Ако некоја фирма имала профит од 1,2 милиони евра, а во меѓувреме тој се зголемил на 2 милиона евра, разликата од 800.000 евра ќе подлежи на 30 отсто данок на добивка само за оваа година. Тоа се дополнителни 240.000 евра, кои ќе бидат платени на име на данок на добивка – објасни Битиќи.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со донесениот Закон за данок на солидарност власта воведува арач за успешните компании наместо да се бори со сивата економија. Сведоци сме дека одредени делови од Македонија се даночен рај, а се врши трговија и во странски валути, што е, исто така, казниво.

(А.С.)

.