Солзи радосници за нашите момчиња македонски – по 12 години во А-дивизијата

20

Кошарката во Македонија не е како што беше некогаш. Но, кадетските репрезентативци (У16) покажаа дека и тоа како треба да се смета за нив, затоа што по 12 години донесоа успех за мак-баскетот и одведоа една наша младинска селекција во А-дивизијата, пренесува гол.мк.
Во мечот за третото место нашите кадети славеа убедливо против Чешка (84-66), со што освоија бронзен медал на Европското првенство (ЕП) Б-дивизија во БиХ и воедно дојдоа до промоција во А-дивизијата, меѓу европскиот кошаркарски крем.
На радоста на кошаркарите и стручниот штаб по мечот ѝ немаше крај, како што може да се види и на фотографиите на гол.мк.

Се лееја солзи радосници на трибините, каде беа претежно родителите на нашите јунаци, кои стиснаа заби и покрај целиот умор одиграа машки и ја „здробија“ Чешка.
На ова првенство, учество зедоа Андреј Митревски, Славко Трајковски, Гоце Петрушевски, Марко Миловановиќ, Лука Савиќевиќ, Јован Цветков, Андреј Андоноски, Давид Наумоски, Никола Груевски, Павел Данаиловски, Богдан Мирковски и Марко Величовски како кошаркари, а дел од стручниот штаб беа Александар Јованчев, Мартин Атанасовски и Бранко Андриевски.
Покрај против Чешка, нашите кадети на ова ЕП славеа над Романија, Норвешка, Данска, Словачка и Белгија, а загубија само од Русија на отворањето на групната фаза, како и во полуфиналето од домаќинот БиХ.
Кадетската репрезентација е плод на проектот „Заедно до М16“ на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), со кој се покажа дека со добра селекција, во нашите национални тимови може да играат успешни деца, кои во иднина би конкурирале за сениорскиот дрес, оценува спортскиот портал гол.мк.