Утре напладне во  Кабинетот на Претседателот „Вила Водно“ ќе се одржи седница на Советот за безбедност.

На седницата, покрај редовните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски ќе присуствува министерот за здравство, Венко Филипче.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот на седницата на Советот за безбедност ќе се разговара за актуелната ситуација со пандемијата на Ковид-19  и мерките и активностите на надлежните институции.

Премиерот Зоран Заев најави дека е можно да се разговара за воведување на полициски час кој би започнувал во 17 или во 18 часот, како мерка за намалување на ширењето на коронавирусот. „Се размислува и за некоја форма на карантин или други рестриктивни мерки. Ги правиме анализите и ќе стигнеме до следните чекори. Мнозинството во комисијата е на ставот дека полициски од 21 часот нема да даде некои резултати, додека ако биде од 17 или од 18 часот ќе има подобри резултати и сето тоа сега се одмерува и овие денови ќе биде одржан состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски. Можно е таму да се дефинира некоја од мерките”, рече премиерот Заев, и додаде дека во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручни кадри за справување со оваа ситуација.

Неофицијално, можно е да се прогласи кризна состојба.