На вонредна седница, Советот на Општина Маврово и Ростуше донесе заклучок да се поднесе информација до Владата со барање за прогласување кризна состојба на целата територија на Општина Маврово и Ростуше, бидејќи последните шест месеци е евидентирано  зголемено присуство на кафеавата мечка.

Во информацијата се наведува дека според податоците на Националниот парк „Маврово“, на територијата на Општина Маврово и Ростуше биле присутни 160-180 единки, а според одредени норми, бројката треба да биде до 70 единки.

Освен тоа, се додава дека биле причинети големи материјални штети на имотот на граѓаните, а особено на пчеларите, сточарите, земјоделците, како и на домовите на жителите, за што биле евидентирани повеќе пријави до надлежните органи. За состојбата, Владата и претходно била известена од Општината, на 21. овој месец.

Од Општината сметаат дека присуството на мечката е животозагрозувачко за граѓаните, за што се одржани и повеќе состаноци со претставниците на месните заедници, од полициското одделение, граничните полициски станици во Жировница и во Стрезимир, со Националниот парк „Маврово“, како и со претставници од министерствата за  земјоделство, шумарство и водостопанство и животна средина и просторно планирање. 

Од Општина Маврово и Ростуше велат дека ги презеле сите активности и мерки што се во нивна надлежност, со цел да ги заштитат своите граѓани.

Воедно, ги повикуваат министерствата за животна средина и просторно планирање и за земјоделство, шумарство и водостопанство, НП „Маврово“, ЦУК и сите други институции што се надлежни за решавање на овој голем проблем со мечките и со дивите свињи, да се ангажираат и да се стават во функција за негово што поскоро решавање за да се врати безбедноста на нашите граѓани.

Од Министерството за животна средина препорачуваат да се отстранат сите ѓубришта и диви депонии околу населените места и локалните патишта, навремено да се чисти сметот, да се затворат со метална ограда сите места за одлагање комунален отпад и да се обезбеди контрола на сите објекти во кои се чува храна, кои може да бидат лесно достапни и се во близина на објектите за домување.

Како друга превентивна мерка, од МЖСПП предлагаат да се направат и посебни хранилишта за мечките надвор од населените места, а жителите да го обезбедат имотот, особено местата каде што чуваат добиток и пчели, со ограда со електричен напон и да употребуваат превентивни средства како петарди за заплашување на мечките. Се предлага и мерка за успивање и за дислоцирање на мечките, која треба да се реализира во соработка со државните органи и со научните институции.