„Драмски ги издржува налетите на секакви невремиња, природни, финансиски или политички, и си стои закотвен во своето замислено море, на место како да е еден остарен брод со излупена боја и веќе не така сигурен во себе како некогаш. Една од неговите котви, што му даваа стабилност, постојаност и гордост, беше Снежана Стамеска. И како да ја гледам и сега како да вели: ‘Ма ти кажувам ја, така е и никако друкше’. Па си ја поправа косата и излегува на сцена за да победи“, вели во писмото режисерот Слободан Унковски, кое беше прочитано на комеморацијата за македонската актерка
„На прашањето што го прави еден актер вистински актер, Снежана Стамеска ќе одговореше: Тоа што го прави човек – да се оправдаш себеси пред себе, а потоа и пред другите, своите желби, мисли, постапки. Само така ќе излезеш пред сите оние што мислат различно, и сите ќе ги лапнеш. Тоа е занаетот. Нема лажење. Гледај ги, сакај ги луѓето. Има многу чудни приказни на лицата. Зачувај ги во некоја фиока, еден ден ќе ти се најдат. А ти, наша Снешке, ќе останеш длабоко во нашата меморија“. Со овие зборови на комеморацијата одржана денес, во нивниот матичен театар, Роберт Вељановски, в.д. директорот на Драмски театар – Скопје, се прости од својата колешка, актерката Снежана Стамеска, која почина на 8 септември, на 79 години.
Актерката Стамеска беше првенка на Драмскиот театар и една од ведетите на македонското глумиште. Од нејзиното вработување во 1971 г. до пензионирањето во 2010 г., беше член на ансамблот на Драмски. Во исклучително плодната актерска кариера, одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи, а реализирала и многу значајни телевизиски и филмски улоги. Добитник е и на значајни награди. Како што посочија од Драмски, таа поседувала богата актерска емоционална палета, стабилен и логичен израз, како и топол, милозвучен, убедлив глас. Голема популарност Стамеска стекна во 1980-тите и во 1990-тите години, кога ги одигра улогите на Пандора во „Солунски патрдии“ (1979), Вера во „Диво месо“ (1979), Сина во телевизиската серија „Трст виа Скопје“ (1987), Вера во „Среќна Нова ’49“(1985) и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985).
„Таа умееше да го одигра недофатливото: енергија, опасност или среќа што доаѓаат однекаде, а само нејзиниот лик, во нејзина интерпретација, го чувствува тоа, го претчувствува и предвреме се плаши, го тажи или се радува скриено. Со сето мое искуство, не би умеел да го опишам попрецизно нејзиниот внатрешен тек, играњето на неодигривото, но можам да ја споделам овде мојата огромната возбуда секогаш кога имав можност да работам со неа и да уживам во патувањето во непознато, во нејзиниот особен свет на разбирање и толкување на нештата. Во емоционалното доживување како подготовка на уште неслученото. Нејзината глума беше во бегање, во економично покажување на врвовите на големата санта лед, во дефинирање на капката од големиот пороен дожд кој ќе нè навјаса а, за разлика од неа, ние и не знаеме дека доаѓа. Затоа неколкуте претстави што имавме можност да ги сработиме од 1972 до 1992 година, остануваат како споменик и на нејзиниот талент и на интензивната размена со актерите што ја обележаа таа епоха на театарот“, посочува театарскиот режисер Слободан Унковски во писмото што беше прочитано на комеморацијата за Стамеска.
Во него, тој раскажува за нивната соработка на повеќе претстави во Драмски, како „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Ослободувањето на Скопје“ и истакнува дека претставувало голема предност што ја имал во своите претстави.
„Еднаш подоцна, во осумдесеттите години, кога ќе го отфрли Драмски текстот ‘Среќна Нова 49’, ќе отидеме со Снеже и со Ненад во МНТ и во таа единствена наша заедничка претстава надвор од Драмски, ќе ја одигра Стамеска една од своите најубави сцени, кога во огромниот простор ќе дојде во допир со својата забранета љубов“, пишува Унковски.
Режисерот потоа повторно се враќа на Драмски, за кој вели дека е трошна зграда, но со големо и упорно срце.
„Ги издржува налетите на секакви невремиња, природни, финансиски или политички, и си стои закотвен во своето замислено море, на место како да е еден остарен брод со излупена боја и веќе не така сигурен во себе како некогаш. Една од неговите котви, што му даваа стабилност, постојаност и гордост, беше Снежана Стамеска, една млада жена со развеана коса и со смеење што не може да запре, елегантна со полувисоки штикли и во постојана динамика во докажување на својата вистина и своите избори. И како да ја гледам и сега како да вели: ‘Ма ти кажувам ја, така е и никако друкше’. Па си ја поправа косата и излегува на сцена за да победи…“.
Родена на 1 јануари 1946, во Скопје, дипломирала на Театарската академија во Белград во 1970 година. По повод смртта на Стамеска, телеграма до присутните на комеморацијата испрати и Светлана Бојковиќ, во која вели дека била длабоко растажена од веста за нејзиното заминување.
„Иако не се гледавме, родени во една земја што повеќе не постои и влеговме во третата доба од животот во различни земји, блискоста останува засекогаш“, пишува Бојковиќ.
Српската актерка потсетува и дека заедно дипломирале со Стамеска на малата сцена на Ателје 212 во Белград, со претставата „Вештерки од Салем“ од Артур Милер, во режија на нивниот професор Предраг Бајчетиќ во 1970 година.
„Се сеќавам дека во тоа време секогаш имав впечаток дека Снешка е позрела од сите нас и во актерството и во животот. И денес мислам дека не згрешив, бидејќи сите бевме комотно сместени дома, со своите и едвај ја прашавме каде и како живее, ниту, пак, таа зборуваше за тоа. Причината за тоа беа нашите младешки, себични години, во кои сите бевме преокупирани само со една тема: како да станеме подобри и вистински актери. Сите други животни теми ни побегнаа“, вели таа и истакнува дека „Снежана отсекогаш била непоколеблива, силна и храбра и што е многу важно – талентирана! Таа беше сигурен пријател. И како што се случува во животот, по завршувањето на студиите, сите се растеравме по разни театри, а Снешка се врати во Скопје. Знам дека направи убава и уметнички богата кариера, која нејзината дарба ја заслужи“.
На комеморацијата зборуваа и нејзините колеги, актерите Силвија Стојановска и Благоја Чоревски.
Фото: Ѕ.Плавевски