Слаткар со новата љубовна приказна „Налеј“ и со спотот снимен во Солун!

1124

Додека траат горештините, тој знае да нè освежи! Песната раскажува за една негова голема љубов, а рефренот брзо се запомнува и се пее. Музиката е заеднички напишана со Иван Јованов, а снимен е и спот и тоа токму во Солун. Во тој спот се појавува една преубава русокоса девојка, како морска сирена. 

Македонскиот хип-хоп музичар Марко Маринковиќ, попознат по прекарот Слаткар (или Слаткаристика), откако летово е слушан во дует со популарната Калиопи, во една песна од нејзиниот најнов албум, добро процени дека сега може и сам да си (за)пее.     И не се зафркна. Тој деновиве на своите настапи ја промовира новата песна со наслов „Налеј“.

Но да нема забуна, не станува збор за многу позната и омилена македонска народна патриотска песна „Налеј, налеј“, туку за сосема нова мелодија, нов текст, нов аранжман.    Хип-хоп музичарот нагласува дека ова воопшто не е преработка на веќе постојната песна, но сепак насловот е инспириран од неа.

-Искрен да бидам, од народната ‘Налеј’ позајмив еден мал дел од текстот што најмногу ми се допаѓа. Сепак целиот текст кога се слуша веднаш се забележува дека раскажува една моја нова љубовна приказна. Песната е модерна, рефренот брзо се запомнува и се пее. Музиката е заеднички напишана со Иван Јованов, а снимив и спот и тоа токму во Солун. Во спотот се појавува и една преубава русокоса девојка како морска сирена.

Изминатиот период Слаткар имаше повеќе настапи на кои му дојдоа голем број негови фанови. На тие настапи ја прослави 15-годишнина од првиот албум „Слаткаристика будало“. Слаткар и на празникот Илинден одржа концерт и тоа во туристичкиот Охрид, на кој му беа дојдени и многу фанови од соседните држави, а пред сè од Србија.        Неговата летна турнеја продолжува низ градовите во Македонија.  Д.М.