Скршен сум, зошто ми го направи ова?!

133

Луис Енрике повторно е предводник на фудбалската репрезентација на Шпанија. Поради тешката болест на неговата ќерка, која почина пред неколку месеци, Енрике одлучи да го стави во мирување селекторскиот ангажман, но пред 10 дена, трофејниот стручњак повторно е именуван за предводник на „црвената фурија“.

Неговиот кам-бек подигна голема прашина во медиумите, но најмногу поради конфликтот со неговиот помошник Роберто Морено, кој го менуваше додека беше отсутен поради фамилијарната трагедија.

  • Одлуката да не биде дел од стручниот тим е само моја. Не беше лојален. Ми кажа дека ќе биде селектор на ЕП 2020, а потоа ќе ми биде помошник. Не сакам никој како него во мојот тим, не е добро да се биде толку амбициозен, изјави Енрике.

Само неколку часа подоцна Морено изјави дека секогаш бил лојален и додаде дека благодарение на него Енрике повторно е селектор на Шпанија.

  • Ако не бев лојален, Енрике немаше да биде селектор. Пред тој фамозен состанок, на кој се договоривме дека ќе се повлече поради фамилијарната трагедија и повторно ќе се врати, јас и Енрике имавме уште една средба. Ми кажа дека е горд на мене затоа што сум ја прифатил понудата да бидам негова замена и за дадената помош во тешките моменти. Се шокирав кога дознав дека нема да бидам дел од репрезентацијата. Сите знаеја што се случува освен јас. Десет дена бев скршен и размислував што толку му имам направено лошо на Луис, а тој не сака да ми каже. Бев пресреќен кога се врати, сакав да го гледам како го тренира репрезентативците. Мислам дека никогаш нема да дознаам зошто се случи ова, изјави Морено.