Скопје треба да се шири кон северниот дел

142

Скопје во наредната деценија треба рационално, контролирано и флексибилно да  се шири, со цел градот да обезбеди одржлив развој. При тоа, новиот Генерален урбанистички план кој ќе важи за периодот од 2022 до 2032 година, ќе треба да се испланира на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот на сметка на рационално користење на неискористените слободни површини во северниот дел.

Ова е визијата за развој на Скопје на градоначалникот Петре Шилегов, кој во наредната декада метрополата ја гледа како зелен град со одржлива урбана мобилност на сообраќајот, а се во функција на чиста животна средина.

Ваквата заложба, Шилегов му ја предочи ма министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на работната средба на која разговара за начинот на кој ова ресорно министерство ќе може да се вклучи и да ја поддржи изработката на ГУП-от кој е стратешки план за развојот на Скопје.

– Планот ги дефинира основните наменски употреби на површините, ги претставува главните насоки на развојот и ја регулира примарната инфраструктура. Имајќи предвид дека станува збор за еден сложен и сеопфатен процес во подготовката на новиот ГУП, повеќе од потребна е поддршка не само од министерството, туку и од поширок круг на стручни лица од различни области, невладиниот сектор, академската заедница, како и од граѓаните, директно или преку единиците на локалната самоуправа – изјави Шилегов.

Тој потенцираше дека верува оти во текот на изработката на новиот ГУП ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци од постојната планска документација.

– За пример ја земам таканаречената јужна обиколница која според моето мислење, но и според мислењето на стручната јавност, е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи предвид дека за нејзиното пробивање е потребно да се уништи добар дел од Водно – потенцираше скопскиот градоначалник, нагласувајќи дека до истекувањето на важноста на постојниот ГУП има доволно време да се вклучат сите засегнати страни во неговата изработка на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг.

Сугарески истакна дека Министерството за транспорт и врски се става во поддршка, во се она што Градот сака да го направи и да помогне во 2022 година да се донесе новиот ГУП, не само во финансиски, туку и со стручна помош.

Тој напомена дека во финална фаза е донесувањето на Законот за урбанистичко планирање.

– Токму во овој правец е донесувањето и на Законот за урбанистичко планирање. Направивме дебата со екологисти, стручни и надлежни лица. Целта е да се направи баланс меѓу стопанскиот развој и екологијата, поточно заштитата на животната средина. Не се во прашање ничии бизнис интерси. Се работи за целосно транспарентна постапка за донесување на овој закон. Доколку се подготви, очекувам наредната недела овој закон да оди на второ читање пред Собранието и со тоа постапката да биде затворена – најави Сугаревски.

(А.П.)