„Скопје-Север“ доби забрана од градскиот инспекторат да работи на мазут!

23

На топланата „Скопје – Север“ денеска и е изречена забрана да користи мазут од  страна на инспектори од Секторот за животна средина во Град Скопје. Директорот на топланат, Куштрим Рамадани, вели дека дека не знае дали решението што го добиле е согласно со закон и најави дека ќе го обжалат.

Зелен хуман град претходно побара итно запирање на употребата на мазут како гориво за загревање на топланата „Скопје-Север“. Оттаму потенцираа дека операторот „Скопје-Север“ добил Б-интегрирана дозвола од Град Скопје пред околу 10 дена и дека треба итно да ја ревидира.

– Баравме од Град Скопје не само да ни се достави писмено, заедно со решението, туку Градот да ја објави јавно во склад со законските обврски. Поради законската обврска за алтернативно гориво, во Б-дозволата може да се ограничи работата на мазут само во ситуации на хаварии, дефекти и слично кога нема друг излез, за да се заштитат здравјето и животите на скопјани.

Според член 153 став (4) од Законот за енергетика во Б-интегрираната дозвола, операторот законски се обврзува да дефинира алтернативно гориво за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет.

– Според одредбите од Б-интегрираната дозвола, доколку операторот ги стартува и ги стави во функција котлите на енергенс мазут, без одлагање треба да доставува спецификација за квалитетот и за количината на горивото и истото ќе биде во согласност со Правилникот за квалитет на течни горива („Службен весник на Република Македонија’’ бр. 81/09). Како и да изврши мерења на емисиите при стартување и да ги достави извештаите од мерењата до надлежниот орган, што во случајов не е направено, бидејќи, според информациите во медиумите, директорот вели дека допрва распишал тендер за фирма што ќе ги врши мерењата – потенцираат од ЗХГ.

Градот Скопје има ограничени надлежности кога станува збор за спречување на загадувањето и недопустливо е во рамките на тие ограничени надлежности да не се дава максимумот за да се заштитат скопјани.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, истакна дека се отворени за соработка и со АД „Скопје-Север“ со цел да се обезбеди топлинска енергија за граѓаните на Чаир, Бутел и околината што ги користат услугите од оваа топлана, повтори денеска.

– Досега имавме неколку работни средби со претставници на АД „Скопје-Север“, вклучително и со Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Како компанија, тие имаат обезбедено дел од потребните ресурси за овој период од годината, а ние, како компанија, можеме да склучиме договор со нив за деловно- техничка соработка, исто како и претходната грејна сезона за да можеме да помогнеме во делот на обезбедување природен гас – рече Ковачевски.

Следната опција, додаде, е да се направи договор за закуп како со топланите „Исток“ и „Запад“ така и со приватната компанија „Адора“.

(С.Бл.)