Скопје во октомври домаќин на Светскиот конгрес на претприемачи, се прецизираат насоките за организација

17

Во втората половина на октомври, Скопје ќе биде домаќин на Вториот светски конгрес на претприемачи. За таа цел денеска се одржа средба на премиерот Зоран Заев и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска со претседателот на Управниот одбор на Меѓународниот економски форум „Перспективи“ и генералниот секретар на Светскиот конгрес на претприемачи Винко Ќуро.

Целта на средбата, како што информира владината прес- служба, била заеднички да се утврдат насоките и правците за организација на конгресот.

– Нам ни претставува огромна чест што ја избравте нашата земја да биде домаќин на овој голем настан на кој се промовира концептот на претприемништвото. Особено во период кога стануваме земја членка на НАТО и во година која очекуваме да биде година на економијата. Верувам дека ќе бидеме одлични домаќини и дека овој Конгрес ќе остави траен белег и ќе мотивира голем број млади луѓе од нашата земја и регионот да го разбудат претприемачкиот дух и да започнат свој бизнис. Ние како Влада сме тука да ја пружиме потребната поддршка, истакнал Заев на средбата.

Претставниците на Светскиот конгрес на претприемачи упатиле честитки до премиерот Заев за затворањето на отворените политички прашања и за пристапувањето на нашата земја во НАТО како важен исчекор за обезбедување сигурност и стабилност во земјата и регионот и за отворање на перспективите за развој на економијата и претприемништвото.