Скопјани се мрзнат, на БЕГ му е топло!

32

 

Револтирани граѓани велат дека радијаторите им се млаки додека надворешните температури стигнуваат до 1 Целзиусов степен, па се присилени да ги вклучуваат климите или калориферите за да се стоплат. Од БЕГ истакнуваат дека работат во согласност со Мрежните правила утврдени од Регулаторна

Граѓаните кои се греат на топлинска енергија што ја испорачува “Балкан енерџи груп” се револтирани што нивните живеалишта не се доволно затоплени во овие студени утра. Велат дека радијаторите им се млаки додека надворешните температури стигнуваат до 1 Целзиусов степен, па се присилени да ги вклучуваат климите или калориферите за да се стоплат.

– Ало БЕГ… Ако има сонце не значи дека е топло. А во ек на грејна сезона сме. Го презедовте теркот на работа од Топлификација. БРАВО. Нека му ја мислат тие што имаат бебиња дома. СРАМОТА. А од друга страна им наплаќаат без пардон и на исклучените, замислете каква дрскост – објави на својот фејсбук-профил скопјанката Билјана А.

Постара скопјанка се јави во нашата редакција револтирана што постојано ја вклучуваат климата за да ја постигнат температурата во нивниот стан.

– Плаќаме парно, а се грееме на клими. Ова го нема ни во една држава. И никој бре за ова не одговара – ни рече таа додавајќи дека редовно си ја плаќа сметката за парно греење, а сега и цехот за струја ќе и биде поголем поради користењето на климите.

Инаку, “Балкан енерџи груп” ја стартуваше грејната сезона порано од вообичаениот термин – 15 октомври, поради тоа што температурите надвор паднаа под 12 степени што е услов да зачурат оџаците на оваа топлификациона компанија.

– Во согласност со законските прописи, грејната сезона може да почне секој ден по 30 септември 2017 година, доколку временските услови тоа го наложуваат, поради што се извршени редовните проверки на подстаниците и на нивната функционалност со цел да се обезбеди сигурно и квалитетно загревање на домовите на сите потрошувачи – информираа тогаш од “Балкан енерџи груп” и појаснија дека во 200 објекти се уште не биле обезбедени условите да бидат вклучени во топлификациониот систем.

Оттогаш помина еден месец, но домовите на Скопјани не се загреаја како што треба. Од БЕГ велат дека работат во согласност по строго утврдени правила и дијаграми што ги има усвоено Регулаторната комисија за енергетика. Во нив е утврдено дека во периодот од 1 октомври до 15 ноември и од 15 март до 30 април топланите работат според правилата што ги диктира надворешната температура.

– Начинот на испорака на топлинска енергија е детално пропишан во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија. Крајната цел е постигнување и одржување на 20+10С во објектите. Доколку одреден потрошувач смета дека нема соодветна испорака на топлинска енергија во неговиот дом или работно место, за истото може да поднесе рекламација до нас, преку веќе добро познатите канали, по што ќе се изврши проверка на состојбата и параметрите во топлинската станица, проверка во самиот објект, како и по потреба мерење на внатрешната температура – велат од БЕГ.

Доколку потрошувачите сакаат да им се зголеми испораката на топлинска енергија, а со тоа да се зголеми внатрешната температура во објектот, од БЕГ упатуваат за истото може да достават барање, одобрено од страна на назначеното лице за управување на објектот (станбен управител, претседател на куќен совет, сопственик на објект итн.),.

– Но, мора да се истакне дека секое покачување на испораката на топлинска енергија до одреден објект значи и зголемување на потрошувачката на енергија, а со тоа и трошоците – истакнуваат од компанијата.

БЕГ иако мора да работи по овие правила, граѓаните велат дека во 8:30 часот во изминативе денови температурите во Скопје се движеа од 2 до минус 2 целзиусови степени, а не над 10 степени за да радијаторите бидат исклучени.

Мрежни правила утврдени од РКЕ

Најран прекин има доколку е времето сончево и мирно, а надворешната температура во топланите “Исток” и “Запад” во 8:30 часот порасне над 10 степени Целзиусови, работата на котлите веднаш се прекинува, а циркулационите пумпи продолжуваат да работат уште 120 минути.

При сончево време ако надворешната температура е над 11 степени целзиусови, во периодот меѓу 9 и 14 часот, се прекинува работата на котлите, а циркулационите пумпи продолжуваат да работат уште 120 минути. Ако за време на работа на циркулационите пумпи надворешната температура порасне над 12 степени и има тенденција на пораст, после 120 минути се прекинува со работа и на циркулационите пумпи.

Доколку пак, во периодот на работа на циркулационите пумпи температурата не порасне над 12 степени, повторно се стартуваат котлите и топланите продолжуваат со испорака на топлинска енергија.

(С.Бл.)