Скопската публика во џез-расположение: Импровизација и/или иновација…

200

„За оваа година имаме програмски фокус кој сосема се вклопува во долгогодишниот концепт на фестивалот, а кој е свртен повеќе кон креативниот џез или современата импровизирана музика. Програмата го потврдува тој концепт кој не носи лесен џез, а и не постои лесен џез за слушање. Таа се свртува кон она што е најсовремено и ги следи новите текови. Бидејќи промените во џезот се навистина многу големи во последните години, тој сè повеќе се свртува кон импровизираната музика“, рече на отворањето директорот на Скопскиот џез-фестивал Оливер Белопета

Триесет и осмото издание на „Скопскиот џез-фестивал“ почна синоќа, во Националната опера и балет, со концерт на американскиот гитарист Дејвид Торн. Иако од страна на организаторите беше најавен како еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години, сепак воодушевувањето на организаторите по сè изгледа не се совпадна целосно со вкусот на публиката. Имено, еден дел од присутните ја напушти салата веќе на средина на концертот, некои едвај го дочекаа крајот на настапот, но дел сепак го наградија неговиот музички перформанс со аплауз.

По него следуваше концерт и на триото на англискиот гитарист Фред Фрит, кој од фестивалот беше означен како „гитарски херој, неприкосновениот иноватор, композитор и импровизатор“.

Двата концерта беа проследени од вљубениците во џезот, но и познатите македонски музичари, меѓу кои беше и нашата гитарска легенда Влатко Стефановски.

„За оваа година, како што знаете, имаме програмски фокус кој сосема се вклопува во долгогодишниот концепт на фестивалот, а кој е свртен повеќе кон креативниот џез или современата импровизирана музика. Програмата го потврдува тој концепт кој не носи лесен џез, а и не постои лесен џез за слушање. Таа се свртува кон она што е најсовремено и ги следи новите текови. Бидејќи промените во џезот се навистина многу големи во последните години, тој сè повеќе се свртува кон импровизираната музика“, рече на отворањето на фестивалот, неговиот директор Оливер Белопета кој посочи дека овие две имиња кои го отвораат фестивалот се основоположници на современиот џез. „Не случајно за првиот концерт на фестивалот од Њујорк дојде влијателниот гитарист, еден вечен експериментатор и иноватор Дејвид Торн, кој зад себе има богата кариера, а широката публика го знае по двата албума на кој тој свиреше со Дејвид Боуви“, додаде Белопета, кој истакна и дека на 38. издание, Фестивалот заедно со Комесаријатот за бегалци споделиле проект наречен „Џез солидарност за бегалците“, а заради истата идеолошка основа за солидарност и поддршка на бегалците која ја делат двете организации.

Скопскиот џез-фестивал продолжува викендов (19 октомври) со норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке, кој на публиката на  фестивалот во НОБ од 20 часот ќе ѝ го претстави својот оригинален проект Batagraf во едно ексклузивно издание.

Истата вечер од 22 часот во НОБ следува музичкиот колектив Art Ensemble of Chicago, кои, предводени од основачите Roscoe Mitchell и Don Moye, ќе го одбележат 50 годишниот јубилеј со славеничка светска турнеја, чиј европски сегмент ќе финишира во Скопје. Подоцна, во дансинг салата во МКЦ ќе може да се слушне „Магичниот оркестар“ на Џијан Емин, за кој влезот ќе биде бесплатен.

В недела (20 октомври), во МКЦ- во Кино Форсина од 18 часот, пак, со контрабас рецитал ќе настапи француската басистка, импровизаторка и композиторка Жоел Леандре. Фестивалот завршува со два настапи во НОБ, од 20 и 22 часот. Прв е норвешкиот пијанист Торд Густавсен со неговото трио, а потоа следува концерт на квинтетот на американскиот саксофонист Џејмс Брендон Луис.