Австралиската комисија за конкуренција и потрошувачи (ACCC) поднесе жалба против Qantas Airways откако авиокомпанијата наводно продавала билети за илјадници претходно откажани летови.

ACCC објави во судска пријава дека Qantas Airways го прекршила законот за потрошувачи со продажба на билети за повеќе од 8.000 летови помеѓу мај и јули 2022 година, без да ги информира клиентите дека летовите се откажани, пренесува Ројтерс.

Во еден случај, австралиската авиокомпанија продаде билети за лет од Сиднеј до Сан Франциско 40 дена по откажувањето на летот, соопшти ACCC.

– Тужбата може да предизвика штета на брендот Qantas Airways, кој, патем, има многу проблеми во последно време – изјави заменик директорот на Институтот за транспорт и логистички студии на Универзитетот во Сиднеј, Рико Меркерт.

Од крајот на 2021 година, кога границите на Австралија повторно се отворија по пандемијата, компанијата беше на удар на критики поради откажување на летови, изгубен багаж и долго чекање на аеродромите поради недоволно персонал.