Скандалот со програмата за култура продолжува, се бараат оставки: Адеми ќе прави ревизија на програмата, за оставка не му чуе, иако била наједноставна работа!

19

“Годинашнава програма покажа дека речиси нема граница меѓу расипаноста и дебилноста. Ако минатогодишната програма беше програма за обезличување на македонската култура, годинашната програма е програма за погребување на културата, зашто помалку добиваат и културата и уметностите на албанските уметници и институции, ако се изземат парите. Тоа е програма за меѓунационален диверзитет кај уметниците“, обвинуваат од “Македоника литера“

Не стивнуваат реакциите во јавноста и по три дена од објавувањето на резултатите од Годишната програма за култура за 2019, во кои уметници, директори на национални установи, издавачи, актери, режисери обвинија за поделба на средствата по етнички клуч, но и на додела на средства на штотуку формирани и неадекватни организации од културата. Се побројни се и барањата за оставки од министерот за култура Асаф Адеми, од националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски и советничката за култура на Заев, Цветанка Ласкова.

Инаку, како што е познато, по минатогодишниот сканадал, кој се случи со распределбата на средствата за Годишната програма за култура за 2018 и по реакциите на јавноста, тогашниот министер Роберт Алаѓозовски, по неколку месеци беше сменет при реконструкција на Владата.

“Ако минатата година Годишната програма на Министерството за култура беше скандалозна, тогаш овогодинашната програма е трагична. Станува збор за општ грабеж на народните пари#, изјави Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека “забележлив е фактот дека средства се доделуваат исклучиво по етничка линија, со што дополнително се зголемува поделбата во македонското општество#. Тој го наведува примерот со Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија “Танец“, кој добил 150 илјади денари, додека новоформираниот ансамбл за албански ора и песни од Министерството за култура добил 800 илјади денари.

Реакции од уметници, издавачи, режисери, актери…

“По соопштувањето на Годишната програма за култура и ‘Македоника литера’ со посебна чест и задоволство соопштува дека, и покрај многубројната и силна конкуренција на разновидни, па и аматерски, непрофесионални, но пред се анонимни, штотуку формирани, недооформени и се уште неформирани (неформални) баратели, успеа да добие дури еден целосен проект“, иронично во својот допис до медиумите се обрати и оваа еминентна македонска издавачка куќа.

Тие посочуваат дека пари не добија н.п.р ” Шаманизмот во македонската народна традиција” од д-р Ана Витанова -Рингачева (единствен ваков културолошки труд во Македонија), ниту пак, списанието “Македоника“ (со меѓународна редакција, кое се дистрибуира низ светот, единствено според својата концепција), но затоа за “Aktivitetet e lira të nxënësve të arsimit të mesëm“ (Бесплатни активности на учениците од средното образование) се издвоени 180.000 денари, а за “Ulja e kostos sё prodhimit tё produktit me aplikimi tё teknologjisё CNC  (Намалување на трошоците за производство на производи со ЦНЦ технологија апликација)-190.000 денари…

“Има премногу, речиси во сите дејности, вакви и слични проекти, кои немаат врска со културата, или пак кои се несразмерно и неправично финансиски поддржани, при што основен критериум е поделбата на ‘нашите’ и другите (не само по етничка линија). Годинашнава програма покажа дека речиси нема граница меѓу расипаноста и дебилноста. Ако минатогодишната програма беше програма за обезличување на македонската култура, годинашната програма е програма за погребување на културата, зашто помалку добиваат и културата и уметностите на албанските уметници и институции, ако се изземат парите. Тоа е програма за меѓунационален диверзитет кај уметниците“, обвинуваат од “Македоника литера“.

Како што напишаа и дел од медиумите она што е исто така интересно е што фирмите од Скопје и Тетово имаат добиено најмногу средства, а жестоки реакции во јавноста се однесуват главно на фирмите од Тетово кои, според податоците од Централниот регистар се формирани неколку месеци, па дури и неколку денови пред отворањето на конкурсот?!

Негодување и реакции има во буквално сите области од програмата, а посебно бурни реакции како што веќе пишувавме, има во делот на музичка програма каде на пример светски афирмирани фестивали како скопскиот Џез-фестивал и „Оффест” воопшто не добија поддршка, додека пак, здружението “Артал“ од Тетово, доби вкупно 3,5 милиони денари или 56 илјади евра за фестивал “Меридианс“ и за концерт “Класик и рок-мјузик“.

Скандалот со Националната програма за култура за 2019 доби невидени размери само неколку часа откако поделбата на средствата беше обелоденета. Веднаш по нејзиното објавување тргна лавина на реакции од уметници од сите фели, а премиерот Зоран Заев најави дека конкурсот за сите апликанти ќе биде поништен, освен во делот на националните установи, каде што немало реакции.

Театарската режисерка Зоја Бузалковска, пак, даде оставка од Советот за култура, а за една телевизија изјави дека не е добро што премиерот зборува за делумна ревизија, бидејќи е потребна комплетна ревизија на сите апликанти. Таа посочи дека има огромни реакции токму за националните установи, за кои премиерот Заев смета дека нема. “Секогаш кога Ви е потребен “пазар“ за одлуки и гласови, прво посегнувате по културата и по образованието“, јавно му порача Бузалковска. И актерот Оливер Митковски, еден од членовите во комисиите, го критикуваше изборот.

“Се додека не се работи според точно утврдени правила, секоја година ќе имаме скандали при објавувањето на годишните програми и незадоволство на сите страни; тие кои со години успешно работат ќе го изгубат ентузијазмот, младите кои треба да започнат ќе немаат точни насоки како треба да се развиваат низ создавањето проекти. Кога оние кои ја практикуваат власта ќе се заземат вистински, а не декларативно, за создавање на правила кои и самите ќе ги почитуваат, сметам дека уметноста и културата ќе добијат шанса во Македонија”, реагираше и познатата кореографка, професор и уметнички директор на “Танц фест Скопје“, Рисима Рисимкин, која смета дека неправедно е маргинализиран овој фестивал, а сосема неразбирливо е укинат Скопје танцовиот театар, фестивал и компанија со меѓународно реноме и повеќегодишна традиција.

Реакциите во јавноста со посочување на нелогичности во распределбата на средствата и минатата година исто така предизвикаа донесување на одлука за повлекување на спорни проекти, со вкупна сума од околу 8 милиони денари, при што главно се работеше за проекти на здруженија од Тетово и Гостивар.

Адеми: Јас не сум роден министер

Министерот за култура Асаф Адеми, пак, смета дека се прават разни манипулации со јавноста оти тој креира национална политика. Рече дека е во постојан контакт со членовите на комисиите и со правната служба во Министерството, а решението го гледа во преиспитување на сите одлуки за апликациите кои што се одбиени.
“Ќе побарам од работните групи кога ќе работат на случајот, да овозможат присуство на медиумите за да имаат увид во документите, за да видите зошто овие се одбиени. Јас ги прекинувам решенијата за сите проекти што се одбиени. Повторно истите ќе бидат разгледани, сите до еден. Решенијата за апликантите што се одбиени ќе бидат преиспитувани и тоа ќе го правиме јавно#, изјави министерот за култура за една телевизија од Берлин, посочувајќи дека ги поканува сите новинари да учествуваат во увидот и да видат зошто е тоа така направено и дали ќе бидат прифатени пријавите од страна на комисиите.
Во однос на оставката, тој посочи дека тоа е наједноставна работа. “Јас не сум човек роден министер. Оваа работа ја прифатив зошто бев предложен и се трудев максимално и најтранспарентно да ја завршам мојата работа“, изјави тој.