Војводата и војвотката од Сасекс, принцот Хари и Меган Маркл, наводно не се консултирале со кралицата Елизабета Втора при изборот на името за нивната ќерка Лилибет, тврди извор од Бакингемската палата за Би-Би-Си.

Портпаролот на војводата и војвотката од Сасекс ги негираше ваквите шпекулации, велејќи дека тие не би го дале името доколку кралицата не им ја дала нејзината поддршка, односно кралицата била прва од кралското семејство со која тие морале да се консултираат.

– Војводата разговараше со своето семејство пред среќната вест да биде објавена. Неговата баба беше првиот член од семејството на кој Хари се јави. За време на разговорот, тој ја сподели нивната желба да ја крстат ќерката во нејзина чест. Доколку кралицата не ја дадеше својата согласност, тие немаше да го употребат името – изјави портпаролот.

Сепак, од Бакингемската палата можат да се слушнат различни информации.

Двојката ја нарече својата ќерка по кралицата Елизабета Втора, поточно по нејзиниот прекар во приватното семејство (така и се обраќале дедото и сопругот). Овој прекар го добила уште кога кралицата била дете и не можела правилно да го изговори своето име.

Нејзиниот дедо, кралот Џорџ Петти, нагалено продолжил да ја вика Лилибет, имитирајќи ги нејзините обиди да го каже своето име. Покојниот сопруг на кралицата, принцот Филип, исто така ѝ се обраќаше на кралицата со нејзиниот прекар.

Лилибет „Лили“ Дијана Маунтбатен-Виндзор е 11-то правнуче на кралицата и помлада сестра на Арчи, кој сега има две години. Нејзиното средно име, Дијана, е во чест на покојната мајка на принцот Хари. За време на интервјуто со Опра Винфри во март, Хари и Меган открија дека дека не планираат да имаат повеќе од две деца.