Премиерот Мицкоски има идеи кои би биле новите членови на историската комисија, но заедно со шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски ќе ги дефинираат и очекува на една од наредните две Владини седници да биде изгласан новиот состав на т.н. Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.
– Деновиве очекувам да се видам со министерот за надворешни работи и надворешна трговија. Тој е сега надвор од државата, мислам дека вчера беше во Блед, денеска во Белград, а потоа оди на друго место. Кога ќе се видам, ќе ги прецизираме. Има некои идеи, има некои размисли. Мислам дека на следната или по таа владина седница ќе помине новиот состав на комисијата која што преговара за историските прашања со нашиот источен сосед, па и со нашиот јужен, изјави Мицкоски.
Премиерот минатата недела најави нов состав на комисијата, но вели дека ваквите промени немаат политичка позадина. Според него, актуелните членови од македонската страна не ги оправдале очекувањата и не ги штителе националните интереси.
-Актуелната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Инаку, да – логично е кога имате нова влада да има и промени во одредени институции, не гледам тука зошто би имало политика. Нормално е дека нова влада, нови луѓе коишто управуваат со новата влада, да има и кадровски промени, изјави тогаш Мицкоски.
Претседателот на македонскиот состав на мешовитата македонско-бугарска комисија Драги Ѓорѓиев, пак, во телевизиско гостување изјави дека најодговорно тврди дека никогаш од ниту една страна немало никаков притисок да се носи некаква одлука за сензитивни прашања и дека изјавите на Мицкоски се навреда за членовите на актуелниот состав на Комисијата.
-Во ниту еден случај освен притисокот од јавноста што беше константен и негативен за работата на Комисијата, рече Георгиев во дневникот на Сител телевизија.
Според него, без промена на методологијата за работа на Комисијата, ќе нема резултати. Тој истакна дека „премиерот ги навредил членовите на Комисијата, кои работеле шест-седум години и кои се академски граѓани кои успеале да изградат свој интегритет во македонското општество без разлика на сите неаргументирани шпекулации за нивната работа“. Копретседавачот на мешовитата македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања рече дека нема да продолжи во комисијата, пред се, поради исполитизираноста на нејзината работа.
– И кога ќе дојде изјава дека не сме ги бранеле националните интереси, а притоа многу малку се познава работата на комисијата, крајно е некоректно и неправдено кон членовите на таа комисија. Тие одржаа 31 средба со бугарските колеги, постојат записници. И кога некој кој не ја познава работата на Комисијата ќе даде таква паушална изјава дека не сме ги бранеле интересите, тогаш тоа е навреда за тие членови на Комисијата и е во крана линија продолжување на хајката што се води против членовите на Комисијата дека тие ги издале интересите на македонскиот народ, рече Георгиев.
Тој посочи дека членовите на комисијата воопшто не ги дискутирале националните идентитети на конкретни личности како Гоце Делчев, Цар Самоил и други и дека само во Македонија се наметнала дебатата дека се разговара за идентитетот на Македонците, бидејќи, како што рече, македонското општество паднало на провокативните изјави што доаѓале од бугарската страна, а кои биле пред сѐ политички. Сеуште актуелниот претседател на Комисијата вели дека целта на таа комисија е да се надминат одредени недоразбирања во учебниците кои постојат во Бугарија и во Македонија, а не да ја менуваат македонската историографија.
-Дебатите кои се водеа за заедничко чествување на личностите од Средниот век, ако ги погледнете препораките, ќе видите дека таму не постои никаков збор поврзан со идентитетот на Климент Охридски, на Наум Охридски, на Кирил и Методиј. Тоа не е работа на Комисијата и тоа мора да го сфати македонската јавност, ние не дебатираме, не го решаваме идентитетот. Овде работата се сведе на тоа дека се дискутира за македонскиот идентитет, иако тоа воопшто не беше тема на дискусија во самата комисија. Никогаш не се подигна прашањето на ниво да се расправа за идентитетот на еден цел народ, рече Ѓоргиев.
Експертската комисија беше формирана во 2017 година по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Досега се усвоени препораки за заедничко чествување на Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски и Цар Самуил и пет препораки за измени во учебници во Македонија и во Бугарија. Темат за Гоце Делчев беше „жежок костен“ во рацете на историчарите и таму немаше доближување на ставовите, освен политичката одлука на претходната влада за заедничко чествување со Бугарија.