„Сите уф Серменин“ – мултимедијално, еколошко и спортско дружење на вљубениците во велосипедот, спортот и уметноста

161

Велосипедисти, или по гивгилиски точкаџии, од сите страни на Македонија, в недела, на 24 септември, ќе се соберат во прекрасното село Серменин, во пазувите на планината Кожуф. Велосипедското здружение „Гевгелија точак клуб“, под покровителство на Општина Гевгелија, ќе го организира првиот официјален „мountain biking“ настан „Сите уф Серменин“.

Пред да поразговараме, ексклузивно за ВЕЧЕР, околу настанот со претседателот на клубот, Венци Ристов, на оние што не се од Гевгелија да им објасниме што значи зборчето „ава“ во слоганот на настанот „Мама писке, тато дава, јас ќе одам уф Серменин на ава“. Според „Гевгелексиконот“ на професорот Стефче Стефанов, „ава“ значи воздух. Значи, иако мама ќе писка, ќе ви вика, тато, сепак, ќе ви даде на сите што сте љубители на велосипедизмот и убавото дружење, да заминете во Серменин на чист планински воздух.

– Ристов, Гевгелија има богата велосипедска традиција, уште од 50-тите години на минатиот век, кога постоел велосипедски клуб и се организирале трки со „точкови“ во Гевгелија и околните места. Долго време немаше ваков клуб во Општина Гевгелија, сè додека не се појави „Гевгелија точак клуб“.

Да, во право сте, во Гевгелија, која ,нели, е рамна како тепсија, во минатото, а и денес, немало куќа во која немало 2-3 велосипеди, така што може да се каже дека Гевгелија, според велосипедите, наликувала и наликува на некој холандски град. Нашиот клуб, кој беше формиран минатата година, од помал број ентузијасти, еве, по две години постоење, брои над 120 членови од Гевгелија, Богданци, Дојран и од населените места во околината. Имаме членови од различни возрасти, а на сите заеднички им се дружењето, пријателството и страста за велосипедизмот. Тие страсти се  вкоренети во тимска работа, лојалност и несебичност. Во изминатиов период, во ГТК бевме многу активни, организиравме повеќе настани, манифестации пред стотици посетители, а   учествувавме и на 20-ина настани организирани од други велосипедски здруженија во Македонија.

– Овој месец, поточно на 24 септември, се подготвувате за првиот официјален МТВ-натпревар „Сите уф Серменин“. За каков настан се работи?

За овој месец, септември, го подготвивме првиот официјален „mountain biking“ настан, кој се наоѓа и на официјалниот календар на Асоцијацијата на велосипедисти во Македонија. Настанот ќе го одржиме на 24 септември, недела, на планината Кожуф, поточно во селото Серменин, место за кое во Општина Гевгелија се изготвени планови да стане атрактивна туристичка дестинација за неколку години. Овој настан ќе се состои од рекреативно возење, значи ќе нема натпреварувачки карактер. Учесниците ќе може да изберат една од двете подготвени патеки, подолга, околу 40 километри, и покуса, во должина од 27 километри, со висинска разлика од 700 метри. Очекуваме над стотина учесници, велосипедисти и  голем број рекреативци – над 300, кои пеш, со велосипед или, пак, со организиран автобуски превоз ќе дојдат во селото Серменин.

-Во Вашата најава, овој настан е именуван како мултимедијално, еколошко и спортско дружење на вљубениците во велосипедизмот, спортот и уметноста. Што сè ќе се  случува тој ден во Серменин?

На настанот, кој ќе биде од мултимедијален – забавен карактер, ќе учествуваат и други здруженија на граѓани: алпинисти, екологисти, планинари, моторџии, шахисти, параглајдеристи, радиоаматери, навивачка група, кошаркари, фудбалери, ракометари и уметници. Шахистите ќе играат шах, пинг-понгарите – пинг-понг, уметниците ќе цртаат. Главна идеjа за учество на вака широк спектар невладини здруженија е нивното вмрежување, повеќе дружење, запознавање меѓу присутните, договарање и започнување заеднички проекти во иднина.

-Најавувате учесници од речиси цела Македонија.

Очекуваме учесници од повеќе градови, како Скопје, Велес Струмица, Кавадарци, Неготино, Валандово, Демир Капија, Штип, Радовиш и многу други. Освен најавените над стотина велосипедисти, очекуваме и голем број рекреативци – над 300, кои пеш, со велосипед или, пак, со организиран автобуски превоз ќе дојдат во селото Серменин, а ние, како организатори, ќе се потрудиме ова да биде почеток на традиционален настан, кој ќе се одржува секоја година. Она што може да биде интересно за читателите е податокот што, освен градоначалникот на Општина Гевгелија, кој е покровител на настанот, и градоначалникот на Валандово, своето присуство го најави и амбасадорот на Словачка, голем пријател на Македонија и уште поголем љубител на велосипедизмот, за кого пишуваше и ВЕЧЕР, неговата екселенција Хенрих Маркуш, со своето семејство.

-Кажете ни нешто за самото село Серменин каде што ќе се одвива настанот.

Серменин е едно од постарите села во околината на Гевгелија, кое е познато и како  вистинска воздушна бања. Чистиот воздух, боровата шума и ниската влажност го прават  одлично место за посета и за прошетка. Место за почетокот на настанот ќе биде паркот меѓу црквата „Свети Георгиј“, која е изградена 1843 година, и зградата на првото  училиште за учители во Македонија. Освен оваа црква, во селото и во околината ќе може да се посетат и водопадот, како и манастирот „Свети Илија“, како од учесниците на велосипедските тури така и од рекреативците и спортистите.

-На крајот, имате ли некоја порака до читателите на ВЕЧЕР?

Ако имате желба и слободно време, ќе ни биде особена чест да бидете дел од првиот мултимедијален и забавен „mountain biking“ настан „Сите Уф Серменин”. Ве очекуваме  во 12 часот в недела, на 24 септември, точно напладне, да се дружите со сите присутни, како со гевгеличани така и со луѓето од цела Македонија. Информациите пред, за и по настанот ќе ги објавуваме на веб-страницата www.gtk.mk facebook, страницата на ГТК, фејсбук-групата на ГТК, инстаграм-профилот на ГТК.

И да напоменам дека во случај на лоши временски услови, настанот ќе биде презакажан за наредната недела, на 1 октомври.

Љубчо Алексовски