Од чистачка до министер, вработени во институциите, судии, но и испитување на судско-адвокатските и бизнис врски ќе донесе новото законско решение за ветинг, кое засега е само најава. Партиите генерално го поддржуваат проветрувањето, кое најверојатно ќе се случи од наредната година. Очекуваат дека нема да биде едноставно и лесно, но процесот мора да се води транспарентно.
Познавачите велат дека за спроведување на ветинг, прво треба да се направат анализи и прогнози, да се обезбеди програма за тоа како ќе се спроведе процесот, да се обезбедат средства, да се подготват институциите, а потоа да се започне со имплементација. Најчувствителната област според сите извештаи е судството.
Министерката за правда Рената Дескоска како и останатиот дел од владата неодамна повтори дека за недонесената одлука за отворање преговори за членство не е поради судските реформи туку поради внатрешните прашања на Унијата. Според неа, со реформи ќе се продолжи, но смета дека и судиите треба да придонесат за подобро судство.
-Заедно со последното бегство на поранешниот телохранител на Мијалков од викендов и одложувањето на рочиштето против поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Панчевски, се повеќе од потребните аргументи за длабок, непартиски (повторувам, НЕПАРТИСКИ!) рез и ветинг во сите нивоа на правосудството – од судските служби, сè до Уставниот суд, напиша на „Фејсбук“ поранешниот пратеник Павле Богоевски.
Владини извори брифираат дека ветингот ќе почне токму од судиите и обвинителите и дека ќе се случи по одржувањето на предвремените парламентарни избори.
„Кога предложивме целосен ВЕТИНГ на политичарите, судиите и обвинителите за да постигнеме неселективна правда и владеење на правото, двете македонски партии се двоумеа, а денес гледам ја прифаќаат нашата иницијатива и ја сметаат како неопходна, пишува на фејсбук пратеникот на ДУИ, Артан Груби.
Премиерот Зоран Заев од граѓанска трибина порача дека е потребен целосен ветинг во судството.
-Создадовме амбиент соодветен, донесовме закони, секој обвинител и судија да работи независно. Еве денеска имаме специјални обвинители во затвори, затоа што законот важи еднакво за сите, што беше мисловна именка пред две години. Но, слободата, не дозволува да застаруваа предметите ниту да нема одговорност, рече Заев.
Веднаш по последната кочница за датумот за преговори, во Скопје се одржа министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан. Министерката Рената Десковска потврди дека прашањето за ветинг во судството го отворила и на состанокот со европратеничката за правда Вера Јоурова. Во однос на ветингот, минстерката рече дека Владата добие мандат по изборите, постојат бројни земји и примери кои може да се следат.
„ Станува збор за испитување на имотна состојба и влијанието од лоби и адвокатски групи во носењето и одложувањето на нивните одлуки. Примерите од одредени земји се добредојдени. Суштинските закони стапија на сила уште во мај оваа година, сега судиите се на потег. Таму се и процедурите за утврдување на одговорност. Нема оправдување за неспроведување на нивните обврски“, вели Дескоска.
Соседна Албанија, која во 2014 година го доби кандидатскиот статус за членка на Европската Унија, уште тогаш ја започна својата борба за реформирање на правосудниот систем на државата.
Во Албанија се направи ветинг на сите судии и обвинители, односно се изврши проверка на нивните квалификации, нивниот имот и позадина, како и проверка на интегритетот и поврзаноста со организираниот криминал.
Процесот на ветинг беше воден од специјално за таа цел воспоставената институција наречена „Независна комисија за квалификации“ и Апелационата комисија.
Од досега вкупно 185 евалуирани судии и обвинители, 76 од нив го поминале ветингот и ја задржале својата функција, додека 80 го паднале ветингот и се отповикани. Понатаму, 29 судии и обвинители сами се откажале од овој процес, а има уште 615 судии и обвинители кои треба да го поминат процесот на ветинг.