Сите пијани во градот на виното и ракијата – Кавадарци

17

Дека пијанствата не се ретка работа во градот на виното и ракијата потврдуваат од Итната медицинска помош во Кавадарци. Доктор Драган Димитров вели дека пијат и машки и женски.

– За несреќа, континуирано се соочуваме со доста пијанства за време на нашата работа. Трагедија е што пијат и многу млади луѓе. Најмладото пијано лице што ни било донесено имаше само 14 години. Најмногу се пие за викенди и празници. Сите млади кои се пијани, како по некое непишано правило, се правдаат дека им е првпат. А повозрасните се правдаат дека испиле само по некоја чашка. И меѓу едните и меѓу другите имаме и такви кои од премногу алкохол паѓаат и во бессознание – откри докторот за МИА.

Инаку, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев на седница на Совет откри дека според негови сознанија ниту едно дете во Кавадарци кое излегло од дискотека пред извесно време, не било трезно при акцијата за алкотестирање што ја спровела полицијата.

– Со наша заедничка координација и на полицијата, беше поставена сообраќајна патрола пред полициската станица во Кавадарци. Сите што излегуваа од дискотеката во центарот, а се спуштаа надолу, немаше каде да бегаат и беа застанати. Е, сите беа пијани. За жал, нема култура кај нас кога луѓето се под дејство на алкохол да го остават автомобилот или да фатат такси и слично. Сите ги правиме грешките. Казните се ригорозни. А не дај боже да се направи некоја штета под дејство на алкохол, последиците се тешки. Не сме имуни на таа работа – рече Јанчев.

Советникот Лазар Туриманџов вели дека станува збор за фрапантна ситуација.

– Доколку е вистина тоа што го разбрав, дека тестираните млади таа ноќ биле со алкохолизираност во крвта од 0,5 до неславен рекорд од 2,5 промили, е навистина запрепастувачки. Сите сме тука родители, сите имаме деца. Работата во Кавадарци е многу сериозна. Би апелирал до градоначалникот да се обратиме до Полициска станица од општа надлежност Кавадарци, за време на викендите да дејствува превентивно. Се сеќавам кога јас бев помлад, работев и на бензинска пумпа, немаше петок и сабота во населбата Глишиќ да нема полициско возило и да не прави контрола. Мислам дека таквото нешто дејствува превентивно, луѓето ќе го имаат тоа предвид. Да се ангажираме малку повеќе. Кавадаречката полиција да преземе мерки и почесто да прави контроли, особено да се присутни за време на викенди на влезовите и излезите од градот, за превентивно да се дејствува врз децата – апелира тој.

При последната координирана акција во двете соседни тиквешки општини, соопшти Јанчев, во Неготино поради алкохолизираност биле одземени три, а во Кавадарци две возачки дозволи.

– Минатата година биле исконтролирани вкупно 4.659 возачи во Велес, Кавадарци и Неготино. Од нив, 918 биле позитивни. Од 2.452 исконтролирани во Велес, позитивни биле 443 возачи. Позитивни биле 248 возачи, од вкупно проверени 1.494 во Кавадарци. Проверката кај 713 возачи во Неготино покажала позитивни резултати кај 227 од нив. На сите кои управувале под дејство на алкохол им биле одземени возачките дозволи – вели портпаролот Верољуб Додевски од Секторот за внатрешни работи Велес.