Да не беше незаслужениот пораз од Полска и да имавме малку повеќе среќа на гостувањето во Израел и Словенија, фудбалската репрезентација на Македонија ќе беше на само половина чекор од толку посакуваниот пласман на ЕП 2020. По пауза од многу години, фудбалската игра повторно е главна тема во нашата земја, а на трибините секогаш има повеќе од 20.000 верни фанови. Иако сме можеби една мала точка на фудбалската карта, благодарение на ФФМ, целиот фудбалски свет знае за Македонија. За да дознаеме нешто повеќе околу моменталната ситуација и околу идните планови на федерацијата дневниот весник ВЕЧЕР направи ексклузивно интервју со претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

ФОТО: Петр Стојановски

Веќе извесен период сте претседател на ФФМ. Во каква состојба е ФФМ откако Вие седнавте во претседателската фотелја и кои се идните планови на ФФМ?

-Да, речиси една година сум претседател на ФФМ, но во структурите на федерацијата сум подолго време, како потпретседател и член на Управниот одбор, а претходно и како дел од одделни комисии. Можеби во јавноста моето име директно не се споменуваше, но мене ми е исклучително драго што заедно со Управниот одбор дадовме придонес и за организацијата на Супер Купот – Скопје 2017, што ги поддржавме инфраструктурните фудбалски проекти, реконструкција на четири стадиони во државата, потоа за комплексот „Куќа на фудбалот“ и тренинг центарот „Петар Милошевски“, а меѓу значајните проекти секако е капацитетот за фудбалската академија и последните инвестиции за изградба на нови трибини на стадионите во Охрид и Чаир. Се разбира, грижата за Националните репрезентации и организацијата на домашното првенство секогаш е еден од приоритетите. Во суштина тоа е нашата мисија, да ѝ служиме и да ја водиме ФФМ кон остварување резултати и со успешно водство да градиме интегритет. Плановите се посветено да се грижиме за фудбалската иднина, и да овозможиме пристап на сите кои сакаат да бидат дел од фудбалот во Македонија. А, доколку ме прашувате во каква состојба е ФФМ откако сум претседател на федерацијата во однос на финансиите – работиме стабилно и можеме да се грижиме не само за репрезентациите, туку и да вложуваме во големи проекти. Се обидуваме да помогнеме, иако е невозможно да бидеме и финансиска и логистичка поддршка за сите 560 фудбалски клубови во државата. Вклучени сме во реконструкција на стадионите во Битола, Струмица, Прилеп, Штип, Чаир, Охрид, Тетово и Скопје. Најбитно е фудбалското семејство да биде задоволно.

Фудбалската федерација на Македонија и понатаму не го менува своето име во Фудбалска федерација на Северна Македонија. Дали и во иднина ќе биде ФФМ или ќе има некаква промена?

-Ние добивме допис од државното тело за спорт во однос на менување на нашето име и во дописот беа предложени – Фудбалска федерација на Северна Македонија или Национална фудбалска федерација. Во структурата на ФФМ, Собранието е највисокото тело и единствено Собранието на ФФМ може да одлучува за промена на името на федерацијата. На почетокот на идната година е Редовното годишно Собрание на ФФМ и веројатно тогаш и ќе се постави прашањето. Јас како Муамед Сејдини немам намера сам да решавам по тоа прашање, ниту да барам некакви алтернативи за „пократок пат“ на дејствување.

Дали ФФМ планира некакво зголемување на Првата македонска лига, со оглед на фактот дека далеку поголема посетеност има на натпреварите кои не се играат во Скопје?

-Од денешна перспектива, не. Во иднина, можеби. Сметам дека во овие услови десет клубови за Прва МФЛ лига е оптимален број. Доколку во блиска иднина имаме подобрување на условите и во однос на инфраструктурата и во однос на организираноста и финансиската стабилност на клубовите, тогаш можеме да зборуваме за евентуално проширување на Првата лига. Јасно ми е дека во помалите градови посетеноста е поголема, но тоа е прашање за клубовите, нивниот начин на промоција на натпреварите и комуникацијата со публиката или веројатно поврзаноста со локалните тимови.

Колку сте задоволни од остварената соработка со Арена Спорт која ги откупи правата за емитување на натпреварите од македонската Прва фудбалска лига?

-Задоволен сум. Подобро и еден денар отколку без пари. Ние во 25 години постоење на федерацијата никогаш не сме продале ТВ-права за Прва МФЛ лига. Сега добиваме 150.000 илјади евра по сезона. Тоа се средства кои ги користат и делат клубовите. Федерацијата не зема ниту дел од тие средства. Мене ни е јасно дека дури и за балкански прилики оваа сума е мала, но мораме да бидеме реални во побарувањата во однос на производот кои го нудиме. Тука пред сè мислам на условите на стадионите и целата поддршка која ја добиваат носителите на ТВ-правата од клубовите. Во делот во ТВ-правата не смееме да ја заборавиме Македонската телевизија која е исклучителна поддршка. Знаете, можеби квалитетот на првенството или условите на стадионите кај нас се ограничени, но тоа е наше првенство и мораме да го сакаме и почитуваме. Секако и да се трудиме да го подобриме. Јас верувам дека следниот договор за ТВ-правата ќе биде финансиски подобар.

Ваша оценка за играта и постигнатите резултати на нашиот национален тим кога се во прашање веќе одиграните натпреварите во квалификацискиот циклус за ЕП 2020?

-Секогаш се стремиме кон подобро. Ние сме задоволни што одигравме одлични натпревари во овие квалификации и што повторно ја вративме довербата во најдобриот национален тим. Се разбира, најголема заслуга за тоа имаа фудбалерите предводени од капитенот Горан Пандев. Со малку среќа можевме и до победа против Израел на гостински терен или нерешено дома со Полска, но таков е денешниот фудбал, едноставно нѐ простува. Ние како федерација секогаш ќе се трудиме да им овозможиме најдобри услови за подготовка и натпревари на репрезентацијата, а одговорноста за резултатите е на стручниот штаб. Јас можам да ветам дека и во иднина логистички македонската репрезентација ќе биде на ниво со најдобрите европски селекции. Се разбира, нашиот сон е пласман на големо натпреварување и мораме да бидеме во чекор со најдобрите и кога се во прашање условите за работа и целата грижа за репрезентацијата.

Дали иднината на селекторот на Игор Ангеловски ќе биде ставена под знак прашалник доколку репрезентацијата доживее неуспех во полуфиналниот дуел од Лигата на нациите против селекцијата на Косово?

-Сите ние, вклучувајќи ме и мене, одговараме пред резултатите. Резултатот нѐ држи, тоа е мерило за успехот. Доколку сме успешни продолжуваме. Јас самостојно не одлучувам за иднината на било кој.

Постои ли некаков план кој има за цел да ја подобри инфраструктурата на фудбалските стадиони, односно дали може да се очекува модернизација на уште некој стадион во нашата земја?

-Да, се разбира. Приоритет во наредниот период се Чаир и Охрид, таму градиме нови трибини, но секако имаме одговорност и за Прилеп. Чесно е да признаеме дека таму имавме одредени проблеми со нашиот дел од договорот во однос на тревната површина, во постојана комуникација сме со луѓето од општината и градоначалникот и се надевам дека многу брзо ќе го решиме и тоа. Планираме ново осветлување на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ и замена на вештачката трева на двата терени. Целта на оваа федерација е да создаваме услови за многу повеќе млади луѓе да тренираат и играат во одлични услови. Но, илузија е дека тоа можеме да го постигнеме сами. Мора да се вклучат и властите во државата и клубовите, а ФФМ секако ќе биде од помош преку програмите на УЕФА и ФИФА.

Марио СОТИРОВСКИ