Обвинителката Вилма Русковска денес најави дека неделава ќе бидат сослушани нови сведоци, за бегството на експремиерот Никола Груевски, ама не и неговите роднини, без притоа да открие детали од досегашната истрага. Додека сите го бараа се појави ново видео во кое се гледа како Груевски се шета во луксузен шопинг ценатр во Будимпешта,а во меѓувреме, пак, преку негов адвокат ја повлекол тужбата против премиерот Зоран Заев, кој го тужеше за клевета за случајот околу продажбата на Македонска банка
Обвинителката Вилма Русковска и денес не откри детали како и кој му помогнал на експремиерот Никола Груевски во неговото бегство во Будимпешта. Таа само најави дека и во текот на неделата ќе бидат сослушани нови сведоци, а меѓу нив ке ги нема неговите роднини. Како што објасни по одлагањето на судскиот процес за случајот 27 април, досега биле сослушани само неговите телохранители, како и тоа дека надлежните служби во Република Албанија ги прибрале доказите што ги бараше македонското обвинителство. Што се однесува за овие снимки тие се уште не им се испорачани на македонските власти иако тие беа набавени поодамна.
Додека сите го бараат и си ја префрлуваат топката денес се појави ново видео во кое се гледа како експремиерот Никола Груевски се шета во луксузен шопинг ценатр во Будимпешта.
Поранешниот премиер Никола Груевски минатата година побегна од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот “Тенк”. Груевски преку Албанија, Црна Гора и Србија побегна во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.
Бегството на Груевски и натаму е енигма,а јавноста чека одговори како се случило и покрај деноноќното обезбедување тој да побегне. МВР. Обвинителството и Судот топката си ја префрлаат еден на друг, а невладините побараа политичка одговорност, односно оставки од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Николовски, и директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), Зоран Иванов, Од Владата, пак, порачаа дека сите вклучени во бегството на Никола Груевски од земјава ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Притоа посочија и дека има сознанија оти во бегството биле вклучени и граѓани од “трети земји#, како и тоа дака МВР по налог и супервизија на министерот Оливер Спасовски, со сите свои ресурси и професионални капацитети учествува во асистирање на истрагата”.
Додека се бараат јатаците кои му помогнале на Груевски, тој и натаму ровари во Судството. Преку адвокат ја повлекол тужбата против Заев за неговата изјава за случајот “Македонска банка” и судско рочиште за тужбата за клевета и навреда нема да се одржи. Како што појаснуваат од судот, тужителот преку својот полномошник со поднесок го известил судот дека се откажува од тужбеното барање во целост. Со оглед на наведеното, на 8.1.2019 година, вон рочиште донесена е пресуда врз основа на одрекување.
Ова следува откако во септември лани, пет врховни судии одлучија позитивно за барањето за ревизија кое го поднесоа адвокатите на Заев. Со правосилна пресуда Заев беше осуден дека јавно го наклеветил експремиерот Никола Груевски за продажбата на “Македонска банка”
и требаше да му плати 50 илјади евра за клевета и навреда на Никола Груевски затоа што првобитната сума неговиот адвокат ја намали на 50.000 евра. Потоа Груевски преку Додевски се откажа и од таа сума.
Апелационите судии во правосилната пресуда потврдија дека Груевски е наклеветен, но во решението побараа да се повтори постапката само за висината на изречената казна и повторно да се преиспита колку тежи душевната болка на поранешниот премиер.
Заев во изјавата пред јавноста тогаш рече дека таткото на криминалот во Македонија не е никој друг туку Никола Груевски и дека примил пари во кеш во износ од 1,5 милиони евра од странски бизнисмен и дека ја оштетил државата за 225 илјади евра за неплатен данок, како и дека лично ја продал “Македонска банка АД# од Скопје на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини, преку четири офшор и две домашни компании кои официјално поседувале 51% од акциите на банката, а биле под контрола на Никола Груевски.