Сирискиот претседател Асад го потпиша указот за општа амнестија во земјата

88

Сирискиот претседател Башар ал-Асад го потпиша указот за сеопшта амнестија во земјата за злосторствата извршени пред 14 септември годинава, информира денеска прес службата на сирискиот лидер, цитирана од руските медиуми.

Според указот, објавен од сириската агенција САНА, општата амнестија ги опфаќа кривичните дела извршени пред 14 септември 2019 годинава, а во некои случаи предвидува и намалувањ ена казните.

„Смртната казна се заменува во доживотна тешка работа”, се наведува во една од одредбите на указот.

Соодветно на тоа, место доживотна тешка работа, оние кои ќе бидат зафатени од амнестијата ќе добијат тешка работа во времетраење од 20 години, а место доживотен затвор осудените ќе одлежат 20 години затвор.

Според одлуката на претседателот, исто така, смртно болните осудени лица, кои се на 75-годишна возраст во моментот на потпишувањето на указот, целосно се ослободуваат од секаква казна.

Конкретните случаи ќе бидат разгледани од специјално формирани комисии.

Сириската агенција забележува дека амнестијата ќе ги зафати оние кои избегале од правдата само ако доброволно се предадат на властите во рок од максимум три месеци од датумот на објавување на одлуката на претседателот Асад.