Веста која пред неколку дена одекна како гром од ведро небо, со потписот на Ентони Дејвис во Лос Анџелес Лејкерс, го налути контроверзниот татко на Лонзо Бол, Лавар. Тој и претходно со своите изјави знаеше да ја шокира јавноста, а воедно и сега не остави никого рамнодушен. Причина за тоа е што „езерџиите“ се откажаа од Лонзо, но и од Брендон Инграм и Џош Харт, како и од три пика на драфтот се со цел да го донесат центарот од екипата на Њу Орлеанс.

  • Ова може да се протолкува како најлошиот потег кој некогаш го направил Лејкерс. Никогаш повеќе нема да ја освои титулата, го гарантирам тоа. Но, мојот син барем побегна од бродот кој се очекува секој момент да експлодира, изјави Лавар Бол во емотивна видео снимка.

Неговиот син во 2017 година беше втор пик на НБА драфтот, а во тоа време Лавар изјавуваше дека еден ден неговите тројца синови ќе играат за тимот од Лос Анџелес. Помладите Ламело и Лианџело својата професионална кариера ја започнаа минатата година во Литванија.

  • Им кажав ако ги земат тројцата браќа Бол – ќе го преживеат ова. Но, тие се откажаа од моите синови, верувам дека ќе биде ладен ден во пеколот кој им следува. Верувајте ми, заклучи Бол.

Единствениот син кој игра во силната НБА лига, Лонзо, минатата сезона во просек бележеше по десет поени, пет асистенции и пет скокови по натпревар.

Инаку, што се однесува до „езерџиите“, наскоро се очекува да потпишат со уште едно големо име – Кемба Вокер. Поголемиот број на американски медиуми тврдат дека плејмејкерот на Шарлот веќе седнал на преговарачката маса и наскоро се очекува финализирање на овој трејд.