Синот ќе му ја исполни последната желба: Бата Живојиновиќ од белградска Алеја на заслужни граѓани, ќе почива во родната Јагодина до саканата сопруга Лула

6773

Посмртните останки на легендарниот ексјугословенски актер, Велимир Бата Живојиновиќ, кој сите од Вардар до Триглав го паметат по стотина незаборавни улоги од ТВ-сериите и филмовите („Битка на Неретва“, „Сутјеска“, „Козара“, „Валтер го брани Сараево“…) наскоро од Алејата на заслужни граѓани ќе биде преместен во својата родна Јагодина (поранешно Светозарево). Бата ќе почива во мир до својата сакана сопруга Јулијана Лула Живојиновиќ.

Оваа вест е точна, а ја потврди неговиот син Миљко Живојиновиќ, кој истакна дека големата желба на неговите родители со тоа ќе се оствари многу наскоро.

– Во 2020 година ги добивме сите потписи и согласност посмртните останки на Бата да бидат преместени од Белград. Меѓутоа, тогаш започна короната и целата процедура запре. После тоа било откриено дека низ парцелата каде што требало да почива татко ми, минувала голема водоводна цевка. За среќа наидовме на разбирање, па цевката била отстранета. Се начекавме и со средување на самото земјиште. Сега сè е решено, па можеме да почнеме со преместување на посмртните останки на татко ми.

Планот е тоа сè да се заврши до 1 мај оваа година, емотивно изјави Миљко Живојиновиќ, објаснувајќи дека за заедничката гробница на своите родители ќе направи сè што може таа да изгледа пристојно, а ги моли медиумите од тоа да не прават сензации.

-Самиот гроб на моите мили мајка и татко, не е за објавување во медиумите, за сликање, за раскажување. Тоа е моја приватна семејна работа. Сега одам во градот Аранѓеловац, таму ја нарачав белата мермерна надгробна плоча. Веќе е готова. Кога ќе дојде тој ден, а според нашите стари српски православни и верски обичаи, за татко ми пак ќе се изврши погреб со поместување на неговите коски.

Сите членови на нашето семејство и сите пријатели на Бата можат да присуствуваат на тој тажен чин. Уште еднаш да му се поклониме и да му се заблагодариме за сè што има направено за сите нас во фамилијата и за севкупната кинематографија. Ние живите, да му посакаме од се срце, мирно и безгрижно да сонува покрај својата сопруга, нашата мајка Лула.

Инаку, Бата Живојиновиќ најпрво преживеа силен мозочен удар, а потоа тешко оболе од гангрена на нозете. Сепак, со специјални и прилично скапи лекови успеа да се излечи од гангрената на далечната Куба. Од мозочниот удар никогаш не дојде при свест, па поради тоа мораше да се лекува цела година на Специјалната клиника за цереброваскуларни болести „Свети Сава“ во Белград. Најпосле, славниот актер, доживеа инфаркт.  Д.М. фото:архива