Силјановска Давкова: Народниот правобранител да ги провери вработувањата во администрацијата

10

Кандидатката за претседател која се јави на огласот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, смета дека Омбудсманот треба да ги прочешла сите вработувања на блиски на функционери во државната администрација.

– Стотици можеби илјадници луѓе се жртви на партиски инженеринг во кој од процесот на пристап до вработување се елиминирани луѓе со високи квалитети. Високо едуцирани кандидати, вредни, искусни експерти, студенти, магистри, доктори на науки со највисоки оценки станаа жртви на системот за да се вработат блиски роднини на актуелни политичари во врвот на партиите и власта. Наспроти студенти со просек 10 во јавните претпријатија се вработуваат луѓе за кои воопшто не дознавме какви квалификации поседуваат. Не очекувам оваа власт да го спречи непотизмот на своите највисоки претставници. Но верувам дека Омбудсманот може по споредба на процедурите при вработување на децата и роднините на политичарите да започне ревизија на оваа дискриминација со која ќе биде исправена неправдата. Без обезбедување еднаквост за сите свесно се туркаат младите луѓе надвор и се зголемува недовербата на граѓаните кон владеење на правото и принципот на еднаквост кој е еден од темелите на нашиот уставен поредок – напиша Силјановска на својот профил на Фејсбук.