Се чисти старата штипска депонија

43

Во Штип се чисти старата депонија за отпад на потегот од населбите Железничка, Пребег и Ново Село.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски кој денеска беше на терен вели дека се уште постојат граѓани кои што го загадуваат овој простор, односно фрлаат отпад, а овој дел се користи од рекреативци.

– На овој потег секојдневно пешачат и се рекреираат не само граѓаните од населбите Пребег и Железничка, туку и од целиот наш град. Со совесно граѓанско однесување можеме да ги спречиме непријатните глетки на отпад во овој дел. Чистење на старата депонија треба да се прави редовно, но заради немарна работа на претходната власт, оваа локација не беше чистена подолг период – вели Бочвраски.

Тој истакна дека минатата година штипска фирма добила на тендер да ја чисти старата депонија. За чистењето на депонијата согласно тендерот требало да се исплати 600.000 денари, а на фирмата се исплатени 500.000 денари.

– За чистење на оваа локација секогаш се распишува тендер, но и покрај тоа што тендери биле распишувани, а средствата биле исплатени, работата на терен не била извршувана. Општина Штип на самиот почеток од оваа година ја чисти оваа локација, со цел повторно да може да се навлекува земја и да се одржува здравата и чиста средина, што е во интерес на сите нас – рече Бочварски.

Штипскиот градоначалник на денешната прес-конференција истакна дека Општина Штип заедно со општините од регионот е вклучена во работата за отворање регионален центар за управување со отпад, каде отпадот ќе се складира со најмодерна технологија, а со минимално влијание врз животната средина.