Се чистеа улиците околу тврдината Кале

42

По повод 50-годишниот јубилеј од одбележувањето на Светскиот ден за заштита на животната средина – 5 јуни, Општина Центар-Скопје и Амбасадата на САД спроведоа заедничка акција за чистење околу тврдината Кале. Во новата екоакција, која се одвиваше под мотото „BeatPlasticPollution“, се вклучија градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер.

– Целта на оваа активност, во која на волонтерска основа учествуваа и вработени во Амбасадата на САД, УСАИД и oпштината, беше да се собере целокупниот сув отпад на улиците околу скопската тврдина, кој понатаму ќе биде соодветно рециклиран од надлежното Јавно претпријатие  Комунална Хигиена – соопштија од Општина Центар.

Герасимовски порача дека правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право, чие целосно и доследно почитување претставува услов за подобро здравје, како и поквалитетен и подолг живот на граѓаните.

Амбасадорката Агелер истакна дека со задоволство ја прифатила поканата на градоначалникот да биде дел од пролетните активности за чистење на општината.

Градоначалникот ја искористи оваа акција да им додели и пофалници на учениците од општинските основни училишта „11 Октомври“, „Димитар Миладинов“ и „Гоце Делчев“ што учествуваа на конкурсот на тема „Учиме да рециклираме – заедно креираме“ и беа наградени за најдобрo уредено училиште (катче или дел од двор) со рециклирани материјали. За реализирање на наведената тема учениците, заедно со родителите и наставниот кадар, задолжително користеа предмети, украси и разни реквизити што се направени исклучително од рециклирани материјали.