Деновиве продолжува изградбата на последната делницата од кејот на реката Луда Мара во должина од 680 метри. Се работи на шалување и бетонирање на заштитниот ѕид на дел од страна на пешачката патека. Паралелно се работи и на левиот брег каде се порамнува земјата и се подготвува за поставување на бехатон коцки.
– По целосната изградба на патеките на двата брега, во завршната фаза ќе се постави ново улично осветлување и урбана опрема. Финансиската конструкција за овој проект изнесува 21.500.000 денари. Парите се обезбедени преку Бирото за развој на Вардарскиот плански регион и буџетот на Општина Кавадарци – вели кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев.
Урбанизираниот кеј ќе се протега од ул.„Страшо Пинџур“ кај мостот на излезот од Ваташа на југ, до мостот „Белка“ кај булеварот „Видое Смилевски“ на север.
– Со реализацијата на петтата фаза од изградбата на кејот-шеталиште, општината Кавадарци ќе регулира и урбанизира три километри од коритото на реката Луда Мара – вели Јанчев.
Општина Кавадарци продолжува со реализација на програмата за комунална изградба. Се работи на реализација на проектот за изградба на тротоари на улицата „Црноречка“.
– Се работи на поплочување на тротоари на двете страни од улицата со вкупна површина од 340 квадратни метри. Со овој зафат општината овозможува посигурно движење на пешаците по новопробиената делница од улицата на спојот меѓу „Западен булевар“ (кај градските гробишта) и спојот со улицата „Ѓоре Брушански“ – информира Јанчев.