Предлог за укинување на ветото содржи француско-германскиот извештај, во кој се дефинираат најдобрите начини за реформирање на Европската Унија за да се подготви за идното членство и проширување, кој денеска ќе биде претставен пред министрите за европски прашања на ЕУ. Во извештајот се разгледува и идејата за „постепена интеграција“, со што на идните членки би им се овозможило да учествуваат во одредени политики пред формалното пристапување.
Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров посочи дека во извештајот се предлага укинување на ветото за прием на нови членки.
„Во француско-германскиот експертски извештај за реформирана и проширена ЕУ, што се презентира пред Советот за општи работи (ГАК) се предлага укинување на ветото, односно воведување квалификувано мнозинство наместо консензус сè до последниот чин во процесот – зачленувањето“, наведе Димитров.
Извештајот го подготви група од дванаесет независни експерти, а целиот процес на изработка на документот го поддржаа француската министерка за европски прашања Лоренс Бон и германската министерка Ана Лурман.
Една од важните теми во извештајот е етапното проширување на ЕУ и можноста идните членки да учествуваат во одредени политики пред формалното пристапување, во рамки на „постепената интеграција“ што веќе се разгледува во однос на Западен Балкан и Украина. Во документот се наведува дека за кредибилитетот на ЕУ потребно е да се постави цел која вклучува проширување до 2030 година.
„Кандидатите за членство треба да работат на исполнување на критериумите за пристапување во ЕУ во овој најран датум за влез. Оваа заемна посветеност ќе ја зголеми довербата во процесот на пристапување, кој беше поткопан од недостатокот на посветеност и напредок во изминатите неколку години. Јасно е кажано дека нема слободен влез во ЕУ и дека временската рамка е целта, а не конкретен датум. Новото политичко раководство по европските избори во 2024 година треба целосно да се посвети на оваа цел и на реформскиот процес потребен за нејзино остварување. Заедничкиот самит со политичките лидери на сите земји-кандидати може да придонесе и за обновено чувство на динамика“, се наведува во документот.
И двете опции, според авторите, имаат свои предности и недостатоци.
„Опцијата „ен блок“ (влез на неколку земји во исто време) очекува земјите-кандидатки да се мотивираат и да го поддржуваат меѓусебниот реформски процес. Но, ова е во спротивност со пристапот заснован на заслуги што го прави секој кандидат „пејсмејкер“ на нивниот сопствен прием. Тоа значи дека или понапредните земји треба да ги чекаат оние што доцнат или тие да ја дефинираат брзината на пристапување, што подразбира прием на земји кои сè уште не се подготвени да се приклучат. Принципот „регата“ би бил повеќе во согласност со заслугите, но би им овозможил на земјите-членки, вклучително и новодојдените, да го блокираат пристапувањето на некои земји поради билатерални конфликти. Овој ризик може да се ублажи со клаузули во нивните пристапни договори за период на транзиција што им го одзема правото да гласаат за идните проширувања за меѓусебно договорена временска рамка. Исто така, пристапувањето би можело да се разгледува само откако ќе се решат конфликтите меѓу земјите кандидати“, се наведува во документот.
Авторите препорачуваат, имајќи го предвид горенаведеното, рундите за пристапување треба да се поделат во помали групи земји со пристап заснован на заслуги и земајќи ги предвид потенцијалните билатерални конфликти.
Овој извештај е показател на германската поддршка за македонските евроинтеграции која беше потврдена и на средбата на германскиот канцелар Олаф Шолц со македонскиот премиер Димитар Ковачевски на средбата во Њујорк, на одбележувањето на 50-годишнината од членството на Германија во Обединетите нации (ОН).
Германија ја очекува Македонија во Европската Унија, а европскиот пат е едиствената алтернатива за земјата, му порача Шолц на Ковачевски. Германскиот канцелар нагласи дека одлуката за уставните измени, што треба да се донесе во следниот период, е единствена шанса да се осигура квалитетот на животот на македонските граѓани според европските стандарди преку евроинтеграциите.
„Во спротивно македонските граѓани и државата ќе се соочат со изолација на подолг рок, што, не е од интерес ниту на Северна Македонија, ниту на регионот и Европа“, истакна Шолц.
(И.С.)