СЕ ТОПАТ ПЛАТИТЕ, СЕ ПУМПААТ ТРОШОЦИТЕ: Инфлацијата нè изеде, за гола егзистенција се потребни над 47.000 денари!

Поради рекордната инфлација, минималната плата во март, зголемена на 18.000 денари, сега реално вреди 15.120 денари, како и пред покачувањето, додека, пак, реалната вредност на просечната плата од 31.525 денари сега е 26.481 денари. Од друга страна, растечките цени ја качуваат вредноста на потрошувачката кошничка, која ги содржи најминималните трошоци за гола егзистенција на едно четиричлено семејство. ССМ пресмета дека во јули, минималната кошница вредела 40.544,08 денари, но инфлацијата ѝ додала повеќе од 100 евра, па реалната вредност ѝ изнесува неверојатни 47.042,72 денара. Тоа значи дека две минимални плати со реална вредност веќе не може да ја наполнат, а две просечни плати, исто така со вредноста што реално ја имаат, одат само за основните егзистенцијални потреби

667

Со ланска плата, годинава дефинитивно не се преживува, а на голем дел од вработените примањата им се исти со години. Тешко им е и на оние што добиле покачување, зашто галопирачката инфлација веќе им го изеде.

Платата од лани сега вреди 16 проценти помалку, колку што достигна годишната инфлација во јули. Во однос на јуни годинава, пак, платите се обезвреднети за 1,9 проценти.

– Трошоците за живот во јули во однос на јуни годинава, во државава се зголемени за 1,9 проценти, а цените на мало – за 2,5 проценти. Споредено со јули лани, трошоците за живот минатиот месец биле повисоки за 16 проценти, а цените на мало – за 14 проценти – објави Државниот завод за статистика.

Но, овој податок од пред три дена веќе може да се смета за стар, затоа што цените продолжуваат да растат, а допрва ќе стигнат сметките за поскапените струја и парно.

Сојузот на синдикатите на Македонија пресмета дека поради рекордната инфлација, минималната плата во март, зголемена на 18.000 денари, сега реално вреди 15.120 денари, како и пред покачувањето, додека, пак, реалната вредност на просечната плата од 31.525 денари сега е 26.481 денари. Од друга страна, растечките цени ја качуваат вредноста на потрошувачката кошничка, која ги содржи најминималните трошоци за гола егзистенција на едно четиричлено семејство. ССМ пресмета дека во јули, минималната кошница вредела 40.544,08 денари, но инфлацијата ѝ додала повеќе од 100 евра, па реалната вредност ѝ изнесува неверојатни 47.042,72 денара. Тоа значи дека две минимални плати со реална вредност веќе не може да ја наполнат, а две просечни плати, исто така со вредноста што реално ја имаат, одат само за основните егзистенцијални потреби.

Пресметките на ССМ покажуваат дека сега повеќе од 70 проценти од трошоците се за храна, пијалаци и за домување. Само исхраната, и тоа скромна, колку да не се остане гладен, влече речиси половина од вкупните трошоци или поточно 44 проценти, што изразено во пари е близу 18.000 денари, колку што е номиналната вредност на минималната плата во државата. За домување, каде што влегуваат и сметките за комуналии, се трошат повеќе од 30 проценти од парите или повеќе од 12.000 денари. Синдикалците пресметале и по педесетина евра за хигиена и за превоз, за набавка и за обувки се предвидени малку над 2.000 денари, за култура едвај над 1.000 денари, додека во оваа беспарица најголема „жртва“ е здравјето, за чие одржување остануваат помалку од 800 денари.

– Алармантно е тоа што погрешните владини мерки и политика за само пет месеци од зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, повторно ја вратија нејзината вредност на нивото пред март 2022 година, односно со една минимална плата работниците да можат да си дозволат само леб и вода (храна и пијалаци) согласно со синдикалната минимална кошница, кои, како трошок за јули 2022 година, изнесуваат 17.842,91 денари. Во март, под притисок на ССМ, Владата направи еден чекор напред кон подобрување на стандардот на најзагрозената категорија работници, а во јули, по сопствено убедување и неприфаќање на предлозите на ССМ, направи пет чекори назад кон загрозување на егзистенцијата на работниците со најниски примања, коментираат од ССМ.

Синдикалците посочуваат дека доколку Владата ги прифатеше барањата за усогласување на платите согласно со порастот на минималната плата за 2.806 денари уште во мај, денеска ќе беше амортизирана инфлацијата, која ги обезвреднува.

– На работниците им се потребни итни усогласувања на платите за амортизирање на инфлаторниот удар, а тоа значи Владата да ги усогласи платите за 18,4% до септември согласно со Законот. Во спротивно, како што ги казнува Владата работниците така работниците ќе ја казнат Владата, а истото се однесува и на работодавците – се закануваат од најголемиот синдикален сојуз.

Државниот завод за статистика, пак, објави дека трошоците за храна за една година скокнале за повеќе од 23 проценти, за домување, вода, струја, гас, горива – за околу 16 проценти, од кои за гас над 50 проценти, за горива 60 проценти, за струја повеќе од 20 проценти, додека трошоците за транспорт се зголемиле за една четвртина. Поединечно, лебот и житата годинава ни се поскапи за 36,5 насто, месото стана луксуз со цени повисоки за повеќе од 21 процент, слично е и со млекото, сирењето и со јајцата, за кои трошокот е зголемен за околу 24 проценти, а рекордери се маслата и мастите, кои сега се поскапи за околу 52 процента. Среде лето, за речиси една четвртина се зголемени и трошоците за зеленчук. За шеќер и за други благи работи, сега трошокот е поголем за повеќе од 22 насто.

(С.В.)